1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

„Пегаз“: Сајбер - оружје на диктаторите

Мартин Муно
21 јули 2021

Шпионирањето мобилни телефони, со одредени исклучоци, е крупен скандал, за кој треба да следат консеквенции, почнувајќи од нас самите, преку творецот на „Пегаз“, НСО па сѐ до ЕУ, смета Мартин Муно.

Symbolbild Smartphone Überwachung
Фотографија: imagebroker/imago images

Звучи како научна фантастика: во многу земји тајните служби и полицијата ја користеле шпионската програма „Пегаз“ за да надгледуваат новинари, адвокати или опозиционери. „Пегаз“ е шпионски софтвер кој мобилните телефони ги претвора во информатички „зомби" – на тој начин можат да се следат и читаат и шифрирани пораки и внесени термини во календарите, незабележано да се вклучуваат микрофон и камера. 

Нападот дури не мора да се изведе преку инфицирана имеил-порака или веб страница, туку се одвива и преку манипулирани базни станици. Тоа значи, дури и крајно внимателни корисници немаат никаква шанса за заштита на своите податоци. „Пегаз“ значи е ефикасно и свирепо сајбер-оружје, кое според досегашните сознанија се доведува во врска и со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во есента 2018 година. 

Флуидна граница меѓу правдата и неправдата

Производителот на софтверот, израелската технолошка компанија НСО тврди дека шпионската програма ја продава само на проверени државни субјекти и исклучиво со цел – сузбивање на тероризам и криминал. Но, од горчливо искуство, познато ни е дека границата кон незаконско следење е флуидна не само во диктатури. 

Мартин Муно, автор на коментарот

Целата работа е скандалозна, но за жал само делумно е нова. Од моментот на откритијата на Едвард Сноуден, позната ни е големината на гладот по информации дури и во демократски легитимираните тајни служби, на пример американската тајна служба НСА со години неоткриено го шпионирала службениот телефон на германската канцеларка Ангела Меркел. 

Ни нападите на „Пегаз“ врз Ајфоните не се новина. Уште пред пет години беа откриени безбедносни дупки кај оперативниот систем на Епл, кои „Пегаз“ можеше да ги користи за да стигне до податоци. Епл мораше да изврши повеќе ажурирања за да ги затвори овие безбедносни дупки, што трајно го оштети техничко-безбедносниот имиџ на концернот. 

Горчливо сознание: Нашите податоци не се сигурни

Значи, ништо не е ново, но сепак е застрашувачко, зашто очигледно станува збор и за убиство, апсења, заплашувања. Од разоткривањето на скандалот со „Пегаз“ треба да произлезат три последици– една за секого од нас, една за НСО и една за ЕУ. 

-повеќе: 

Шпионски софтвер „Пегаз“: Сајбер-напад врз демократијата

Шпионирањето пријатели, за жал, е нормално

Сите шпионираат: Нова дигитална несигурност

Првата е едноставна: треба да сме свесни дека нашите податоци зачувани на мобилни телефони дури и во кодирана форма, се само условно сигурни. Она што никој друг не смее да го види, не смее да стигне во мобилниот телефон, од интимни видео снимки до доверливи информации. И – треба да бидеме скептични кога нашите влади нужноста од натамошни шпионски програми постојано ја оправдуваат со борбата против криминалот, што во последно време се случува во Германија. 

Вината е и во НСО

Втората последица се однесува на производителот на „Пегаз“, НСО, кој како што е вообичаено во вакви случаи, си ги мие рацете. Оној кој на авторитарни влади, како оние во Саудиска Арабија и во Белорусија им става на располагање шпионски софтвер, станува соучесник во прекршувањето на човековите права, па се до убиства. Тоа значи би бил случај и за израелското државно обвинителство. Или за владата, која треба поостро да го регулира извозот на софтверот. 

На потег е и Европската унија. Унгарската влада на Виктор Орбан прво исчека 24 часа без да се изјасни за обвинувањата дека „Пегаз“ е користен за шпионирање на репортери. Потоа министерот за надворешни работи Петер Сијарто штуро објави дека една од петте унгарски тајни служби го користела софтверот. Тоа не звучи како вистински демант. Ако се докаже дека Унгарија на ваков начин ги шиканира медиумите, тогаш оваа земја нема што да бара во ЕУ. Тогаш се потребни дела, а не само предупредувачки зборови. Тогаш крајно мора да уследат санкции, за Орбан да престане со насмевка да касира пари од ЕУ, додека истовремено ги погазува демократските права. На потег е Урсула фон дер Лајен! 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми