1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ксенофобијата и разочараноста раѓаат омраза

Сабрина Папст/бг7 јануари 2015

Додека во повеќето германски градови анти-Пегида демонстрантите се во мнозинство, во Дрезден движењето расте. Дали тоа се должи на конзервативните Саксонци, на медиумските „лаги“ или на отуѓеноста?

Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„Политичарите се предавници“, извикуваа симпатизерите на Пегида на понеделничките протести во Келн наградувани со поддршка од публиката. Многумина од „патриотските Европејци“ кои протестираат против наводната исламизација на Западот, се чувствуваат неразбрани од политиката.
На прашањето, зошто учествува на протести кои се делумно организирани од десните екстремисти, една постара дама ни објаснува дека чувствува страв од приливот на мигранти со муслиманска вероисповед. Околните демонстранти климаат со главите. Еден друг господин стравува дека поради „странците“ му се нарушува благосостојбата.

Тоа што оваа дама и господин воопшто разговараат со репортерите е среќна околност, затоа што новинарите меѓу членовите на Пегида важат за дел од заговорот против нивната организација. Но овие двајца постари граѓани не сакаат да имаат ништо заедничко со Пегида. Тие стојат на маргините на протестот и сакаат само да го кажат своето мислење. „Тоа ми е дозволено, или?“, ни подвикнува госпоѓата се врти и си заминува.

Во Дрезден е поинаку

Во жижата на протестот, тонот е поинаков. Тука никој не сака да разговара со репортерите, а новинарските камери не се дозволени. Атмосферата е агресивна. Демонстрантите на Пегида и контра-демонстрантите стојат едни спроти други на само неколку метри оддалеченост. Контра-демонстрантите сакаат да ги спречат приврзениците на Пегида да маршираат низ улиците во центарот на Келн. Така е во повеќето западно-германски градови. Но, не и во Дрезден.

Протести против Пегида во КелнФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Недела за недела во источно-германскиот град илјадници луѓе маршираат низ улиците на градот како дел од организацијата Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот (ПЕГИДА). И секоја недела се сѐ побројни. Во понеделникот се собраа повеќе од 18 илјади демонстранти на маршот на Пегида. Бројот на контра-демонстрантите во Дрезден беше едвај три илјади луѓе. Ова што се случува во главниот град на Саксонија наоѓа се поголем број приврзеници и во другите германски градови, кои се чувствуваат загрозени од наводната растечка исламизација на нивната земја.

Но, за разлика од Дрезден, ситуацијата во другите градови е сосема спротивна. На понеделничките протести вообичаено се собираат неколку стотици приврзеници на Пегида и илјадници контра-демонстранти кои се залагаат за отвореност и разновидност на германското општество и притоа изразуваат јасна солидарност со мигрантите и бегалците. Но, засега никој во Германија нема одговор на прашањето: зошто во Дрезден е толку голема поддршката за Пегида и зошто отпорот е толку голем во останатите германски градови?

Во Саксонија силниот конзервативизам наоѓа упориште во екстремната десница, смета политологот Михаел Лиман. Евро-критичката партија „Алтернатива за Германија“ и десно-екстремната НПД тука имаат силни бази, за разлика од другите германските покраини. И демохристијанската ЦДУ тука се претставува поконзервативно отколку во остатокот од Германија, вели Лиман.

Дифузен страв од непознатите

Некои социјални истражувачи сметаат дека Пегида се храни од дифузниот страв од социјално пропаѓање. За раководителот на Институтот за интердисциплинарни студии на конфликти и судири во Билефелд, Андреас Цик, не е изненадување што толку многу луѓе во Дрезден се позиционираат против доселувањето на муслиманите затоа што демонстрациите се масовни „таму каде што недостасуваат интеркултурни контакти, и каде не се признаваат различноста и разновидноста“.

Наика ФорутанФотографија: picture-alliance/ZB

Според Цик, тоа објаснува зошто демонстрациите се помасовни на истокот на државата, односно онаму каде што живеат помалку странци, а муслиманите се сосема малубројно малцинство. Постојат многу предрасуди од чисто незнаење, дополнува Наика Форутан, социјален научник од Универзитетот во Берлин. Исламизацијата воопшто не може да се случува кога само пет проценти од населението има муслимански корени. „Овие бројки систематски се преувеличуваат“, вели таа.

Ханс-Јоахим Мац е психијатар и автор на книга во која говори за чувствата на источните Германци. Тој во сеништето на наводната закана од исламизација гледа појдовна точка за едно движење кое, во суштина, е критично кон системот: во источна Германија постои големо разочарување од промените, поради неисполнетите очекувања од западот. Важно е да не се прецени и демонизира ова движење, туку да се направи обид „да се разбере преку дијалог и натаму да се анализира протестниот потенцијал“.

Но политичарите поради се дистанцираат од движењето. Поранешниот канцелар од СПД, Хелмут Шмит остро го критикува движењето.
„Пегида протестите повикуваат на тапи предрасуди, ксенофобија и нетолеранција“, изјави тој за весникот Билд. Во сличен тон и шефот на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер: „Пегида не само што и штети на нашата земја, туку испраќа и лоша слика за нашата држава во странство“. Министерот за финансии Волфганг Шојбле исто така беше јасен: „Паролите не се замена за фактите: на Гергманија и се потребни доселеници. А мораме да покажеме срце и за бегалците во неволја“.

Протестите на Пегида го привлекоа вниманието и на странските медиуми. Во интервју за американската телевизија СиЕнЕн, германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие оцени дека „политиката и медиумите имаат проблем да допрат до одредени делови од општеството“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми