1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Педофилијата е „тешка судбина“

А.Ј. Грим/ард/ С.Недевски3 март 2014

Во Германија има околу 250 илјади луѓе склони на педофилија. Стручњаците укажуваат на значењето на превенцијата, со цел споменатите лица да не станат и престапници.

Фотографија: picture alliance/dpa

„Ако некој е осомничен за педофилија, што само по себе не е кривично дело, тој мора да смета на тоа дека ќе се најде на столбот на срамот во општеството во кое живее. Можни се и економски последици, да речеме, да ја загуби работата“, тврди д-р Јорге Понсети од Одделението за сексуална медицини на Универзитетската клиника Шлезвиг Холштајн во Кил. Тоа одделение учествува во превентивната мрежа наречена „Немој да станеш престапник“, која нуди бесплатни терапии за лицата со педофилски склоности. Граѓаните можат да се пријават анонимно, појаснува Понсети и додава: „Анонимноста е многу важна, бидејќи многумина кои бараат помош се многу уплашени“.

Превентивната мрежа нуди психолошки терапии, а доколку тие не даваат резултати на пациентите им се препишуваат лекови кои го намалуваат или целосно го отстрануваат нивниот сексуален нагон. На терапиите доаѓаат мажи од сите возрасти и од сите општествени слоеви.

Педофилите вообичаено се мажи

Мнозинството педофили својата склоност ја открива во пубертетот кога се развива сексуалниот нагон. Пред пубертотот тоа не може да се забележи. Впрочем првите симпатии во тие години помалку или повеќе вообичаено се на иста возраст. Така е во пубертетот, но педофилите и во фазата на адолесценција сексуално ги привлекуваат далеку помлади лица, значи деца. Дури тогаш тие воочуваат што се случува со нивната сексуалност.

За педофилите секогаш се говори во машки род. Д-р Понсети потврдува дека станува збор главно за машки феномен. Тој вели дека во 15 години колку што се занимава со оваа проблематика, сѐ уште не запознал жена со такви проблеми. Според неговите проценки, на 100 педофили мажи, доаѓа една жена со такви склоности. Што се однесува до севкупниот удел во машката популација (пред сѐ меѓу возрасните лица) тој процент изнесува околу 0,7 проценти, што според проценките е околу 250 илјади во Германија.

Фотографија: picture alliance/Photoshot

Бројот на кривични дела е константен

„Мажите педофили својата склоност не ја одбрале сами, тоа како прво е тешка судбина, бидејќи не можат да се препуштат на својата сексуалност“, предупредува германскиот научник. Тој потсетува дека не е познато на колку од ним им успева сексуално да им се приближат деца. Меѓутоа, поединечни студии тврдат дека тоа во својот живот го сториле мнозинството од нив. „Многумина не можат трајно и успешно да го контролираат својот нагон и да живеат без сексуални контакти. Ако не станале престапници, тие мажи често се депресивни“, објаснува д-р Понсети.

Како да се заштитат децата? Овој лекар вели дека веќе постојат строги закони со кои се казнува сексуалната злоупотреба на деца, но истакнува дека и покрај тоа е многу важно да се заштитат децата, меѓу другото и на тој начин што родителите мораат да ги научат дека не мораат да прават сѐ што возрасните бараат од нив да прават, доколку тоа им изгледа чудно и непријатно. За статистиката која говори за кривични дела со педофилска заднина, Понсети вели: „Во Германија годишно едно до две деца се убиваат поради сексуални мотиви, а околу стотина поради други мотиви. Медиумскиот интерес може да се каже е натпросечен“. Тој наведува дека бројот на вакви кривични дела со години на назад се нема променето.

Д-р Понсети на сите кои кај себе ќе забележат и откријат педофилски склоности им советува да побараат професионална помош: „Бидејќи е многу тешко да се живее со таков нагон, кој не смее да дојде до израз.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми