1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Книги по вкусот на Пекинг

Матијас Белингер
21 ноември 2020

Кинеските власти, и кога е литературата во прашање, се обидуваат да влијаат на сликата за земјата во странство. Кинеските цензори се мешаат и во издавачката политика во Германија, покажува случај со една книга за млади.

China Peking | Buchhandlung
Фотографија: Böllinger/DW

Книгите тукушто излегле од печат, а веќе се јавиле цензорите: Нора Фриш, преведувачка и сопственичка на мала издавачка куќа во Еслинген, јужниот дел од Германија, го објави романот на кинеската авторка Цао Венксуан, кога преку чет-порака ја замолиле да ја запре дистрибуцијата. Најавено било дека ќе има промени во текстот. „Очите на либелата" е приказна за постара Французинка која се мажи за Кинез. Во шеесеттите години од минатиот век, тогаш веќе била баба, ја зафатиле превирањата на Културната револуција.

Нора Фриш ја купила лиценцата од кинески издавач пред три години. Но, сега кинеските „надлежни органи" имале забелешки за книгата. Покрај тоа е упатена и закана: ако не го запре објавувањето, нема да може да биде одржана планираната читателска турнеја со авторот. „Беше вистински насилно", се присеќава Фриш. 

Раскажувајте ги добро кинеските приказни"

Цензорските служби во Кина во последните години ги заострија активностите. Истовремено, Комунистичката партија се обидува да го прошири своето влијание и во странство. Партискиот лидер Ши Џинпинг неколкупати ги повика медиумите и издавачите во Кина „добро да ги раскажуваат кинеските приказни" и на тој начин да придонесат за поголем углед на земјата во светот.

Нора Фриш, независен германски издавачФотографија: Privat

Што значи тоа, може да се види во некои книжарници на синџирот Талиа во Германија. Преку ноќ неколку метри полици во одбрани книжарници беа исполнети со кинеска литература. Посебно истакнати беа делата на партискиот и државен челник Ши Џипинг. Од друга страна, книги кои критички се занимаваат со Комунистичката партија, немаше. На новинарско прашање Талиа призна дека полиците ги аранжирала Кинеска книжевна трговија (China Book Trading), германска филијала на партискиот книжевен концерн Кинеска интернационална издавачка групација (China International Publishing Group). Талиа не сакаше да открие дали Кинеска книжевна трговија го платила изложбениот простор.

Повеќе:

Смртта на докторот-свиркач ја крена на нозе кинеската јавност

Хјуман Рајтс Воч: Кина - глобална закана за човековите права

Ши Џинпинг и „кинескиот сон“

Измените кои кинескиот издавач подоцна ѝ ги испратил на Нора Фриш се однесувале на последното поглавие од романот на Цао Венксуан. Црвената гарда ја смета француската баба за шпионка, ја апсат и ѝ ја стрижат главата. Тогаш избиваат борби меѓу различните бунтовнички групи и Французинката е ослободена.

Промените се суптилни. Во оригиналната верзија старата дама го бара од еден од преостанатите црвеногардијци шалот кој тој го носи околу вратот за да може да ја покрие избричената глава. Во изменетата верзија едно девојче ѝ го нуди своето шамиче. Зошто овие промени им биле толку важни на властите, не е јасно. Станува збор за мали корекции кои донекаде ја ублажуваат вкупната слика за Црвената гарда. Но, тие не го менуваат основниот наратив.

„Тешко е да се каже каде точно поминуваат црвените линии", вели Давид Бандурски, кој ја анализира кинеската цензорска пракса за независниот истражувачки тим Кинески медиумски проект. „Но, треба да се знае оти Комунистичката партија никогаш не ја остава историјата зад себе. Таа секогаш ѝ е пред очи – како непосредна закана за нејзината моќ."

„Во интерес на авторот и државата"

На прашањето на Дојче веле за причината за бараните измени, надлежна службеничка од издавачката куќа Феникс детска литература од Нанчинг објасни дека темата е „чувствителна" и дека „властите" негативно реагирале на објавувањето на романот во Кина. Подоцна таа ја замолила германската издавачка да престане да ја промовира книгата „во интерес на авторот и државата", а малку подоцна на Нора Фриш ѝ испратила недвосмислена порака: „Бидејќи книгата се однесува на Културната револуција, а имаме годишнина, засега не смеете да ја објавувате."

Се форсираат делата на партискиот и државен шеф Ши ЏинпингФотографија: Isabel Infantes/Xinhua/Imago Images

Оваа размена на пораки датира од крајот на октомври 2019 година, време кога Народна Република Кина ја славеше 70-годишнината од своето основање.

Фриш, чија издавачка куќа „Драхенхаус" е специјализирана за кинеска книжевност и култура, често се среќавала со кинеска цензура. Еднаш државниот издавач сакал да ја услови дозволата за објавување еден детективски роман со барање во својата програма да вклучи и дела од партискиот лидер Ши Џинпинг. А во 2014 година една кинеска печатница одбила печатење на договорена книга зашто една карта во неа го прикажувала Тајван во подруга сива нијанса од континентална Кина. „Одбиваа да ја печатат книгата додека не ја променив картата", се присетува Фриш. Слични искуства имаат и издавачите од други земји.

Нора Фриш не го запрела своето издание, без оглед на упорните наговори на кинескиот издавач. На тоа кинеската страна го откажала планираното литературно читање во Виена. Читањето во Бон е одржано, но под услов авторот да чита само од постарите дела. Книгата „Очите на либелата" не смеела да биде спомената. 

Книгата, издадена во мал број примероци, и натаму е достапна на германскиот пазар. „Јас сум независен издавач", вели Нора Фриш, „не гледам зошто би се одрекла од сободата на говор."

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми