1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Пеле во тешка здравствена состојба

Кристијан Валц | дпа
11 февруари 2020

Големата поранешна фудбалска ѕвезда Пеле е во тешка здравствена состојба, открива неговиот син. 79-годишниот Пеле имаше операција на колкот, по која опоравувањето оди тешко.

Brasilien Pele soll unter Depressionen leiden
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Fife

„Многу е кревок што се однесува до мобилноста. Се подложи на трансплантација на колк и рехабилитацијата не помина идеално. Проблемот со мобилноста доведе до извесен степен на депресија“, вели синот на Пеле, Едсон „Едињо“ ду Насименту, за интернет порталот Глобоеспорте. Синот на фудбалската легенда уште додава дека татко му речиси и не ја напушта куќата. „Треба да си претставите: тој беше крал и секогаш беше впечатлива личност, а сега веќе не може да оди нормално. Поради тоа е многу повлечен, се срами.“

Пеле, чие родено име е Едсон Арантис ду Насименту, е еден од најпознатите спортисти во историјата. Во текот на фудбалската кариера маѓепсуваше со своите трикови и голови. И по пензионирањето долго време беше на сончевата страна на животот. Настапуваше на добротворни манифестации, беше лице од рекламите, баран фудбалски експерт и интервју-партнер. Од 1995 до 1998 година беше бразилски министер за спорт.

Пеле извесно време беше во инвалидска количка (фото: Пеле на аеродромот Гуаруљос, април 2019 година)Фотографија: AFP/N. Almeida

Во текот на изминатите години меѓутоа Пеле постојано се бореше со здравствени проблеми. Неговите јавни настапи проретчија. Во медиумите беше присутен речиси само тогаш, кога стануваше збор за здравствени проблеми. Во 2014 година, по инфекција на уринарниот тракт, лежеше на одделение за интензивна нега, минатата година му беше отстранет камен од бубрегот. Направени му се повеќе операции на колковите, а имаше и проблеми со рбетот и колената. Извесно време дури беше и во инвалидска количка.

Проблемите не доаѓаат изненадувачки. Пеле, кој на 23 октомври годинава ќе наполни 80 години, во својата кариера одигра 1363 натпревари. „Играв фудбал цели 30 години, 25 во ФЦ Сантос и 5 во Космос Њујорк. Господ сега едноставно си ја испрати сметката за тоа“, рече тој еднаш.

Пеле на светската фудбалска сцена зачекори на 18-годишна возраст. Тој е единствен играч кој има три трофеи светски првак - 1958 во Шведска, 1962 во Чиле и 1970 во Мексико. Со 77 погодоци на 92 натпревари на бразилскиот национален тим поранешниот напаѓач сѐ уште го држи рекордот во репрезентацијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми