1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Пендаровски во тесно за законот за дивоградбите

ДТЗ
18 мај 2021

Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има т. н. џебно вето и да не се произнесувам, вели Претседателот.

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfung Präsident Stevo Pendarovski
Фотографија: Präsidentschaftsbüro der Republik Nordmazedonien

Ако Собранието по вторпат го усвои законот за легализација на дивоградби, со потребното мнозинство од 61 пратеник, претседателот Стево Пендаровски најавува дека ќе го потпише. Тој вели дека тогаш ќе мора да го потпише указот за стапување во сила на законот за постапување по бесправно изградени објекти, бидејќи со првото непотпишување се исцрпуваат неговите уставни надлежности.

„Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има т. н. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по вторпат, истиот ден ќе го потпишам, иако имам серија забелешки“, вели Претседателот. Тој се надева дека ќе бидат разгледани и земени предвид забелешките за законот, но тука завршува неговата уставна надлежност. 
„Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство, немам избор“, порача Пендаровски, откако се вакцинираше против Ковид-19 во Куманово.

Претседателот Пендаровски се вакцинираше во КумановоФотографија: Präsidentschaftsbüro der Republik Nordmazedonien

Ќе бидат ли земени предвид забелешките?

Претседателот минатата недела одби да го потпише законот кој предизвика жестоки реакции во јавноста. „Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот, при што утврдив дека тој е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на законот нема општествена оправданост, односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт“, рече Пендаровски образлагајќи на својата одлука.
Една недела потоа, вели дека нема да биде задоволен ако се усвои законот без да бидат земени предвид забелешките.

-повеќе на темата:Втора шанса за законот за дивоградби - ќе претрпи ли измени?

„Јас тоа не го напишав само за да бројам дека сум ставил вето на некој закон. По долги консултации со истакнати правни експерти од кај нас, ми беше сугерирано дека тоа практично не е одржливо во неколку позиции. Во повторната расправа во парламентот, ако дојде до пленарна расправа, пратениците може да расправаат или да даваат амандмани само на она што јас сум го напишал во образложението. Тоа се три правни основи, не може на која било друга одредба или дел од законот“, вели македонскиот претседател. 

Законот беше донесен со поддршка и од власта и од опозицијата. Според надлежните, во Македонија има околу 50.000 дивоградби, чиј статус мора да се регулира. Со законот се предвидуваше легализација на објекти изградени и во националните паркови, а од него беше изземен само Охридскиот регион. Антикорупциската комисија најави дека ќе го оспори законот пред Уставен суд. 

-повеќе на темата:

Пендаровски им го расипа „помирувањето“ на Заев и Мицкоски

Законот не е идеален

„Законот за легализирање на дивоградбите не е идеален, а до конечно решение ќе се дојде по стручна дебата“, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по реакциите во јавноста и по одлуката на претседателот Пендаровски да не го потпише указот за законот. Тој вели дека Владата нема да стави „под тепих” проблеми на илјадници семејства кои изградиле домови, а сѐ уште немаат правен статус за нив.
„Во дискусија со пратениците се донесе овој закон, но уставната можност што ја искористи претседателот е уште една шанса да дискутираме во јавноста со пратениците и експертите, да најдеме решение за да им помогнеме на граѓаните. Законот не е идеален, има слабости и добри страни, но ќе бараме решение да се подобри. Сѐ останато е неприфатливо за државата, да замижуваме пред проблемите, или најлошо - да оставиме стаус кво“, вели Бочварски.

-повеќе на темата: Пендаровски кажа „не“ за легализацијата на дивоградбите

Реагираа и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, кои законот го оценија како загрозување на урбанистичкиот поредок. Според нив, ова законско решение создава впечаток дека дивоградбите не се казнуваат и дека урбаниот хаос може да продолжи. Асоцијацијата бара во случај на одобрување на законот, тој да биде дополнет со одредба што ги обврзува институциите да продолжат со сите процедури за легализација кои биле суспендирани, по што може да им се дадат градежни дозволи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми