Ако Бугарија каже 'не' за во ЕУ, Полска ќе преземе чекори
19 ноември 2021Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со полскиот лидер Анджеј Дуда кој е во посета на Скопје, оцени дека Полска ја разбира позицијата во која се наоѓа Северна Македонија и дека прави напори за надминување на пречките со кои што е соочена земјата.
„Полска покажува големо разбирање за позицијата во која се наоѓаме и прави напори да помогне во надминување на препреките со кои се соочуваме и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група како и преку другите регионални форуми во кои членува“, рече Пендаровски.
Шефот на државата ги отфрли обвинувањата на неговиот бугарски колега Румен Радев за „дебугаризација во Македонија“. „Ниту еден етнички Бугарин не се пожалил на дискриминација во Македонија“, рече Пендаровски, посочувајќи дека од стотина илјади македонските граѓани со бугарски пасоши ниту еден не се пожалил за време на последниот попис до ниту една релевантна институција.
Дуда на заедничката прес-конференција со Пендаровски беше дециден дека Република Полска ја покажува својата солидарност кон Македонија на патот кон нејзиното членство во ЕУ. „Двете држави како членки на НАТО заеднички споделуваат и покажуваат солидарност, но нашата поддршка продолжува и понатаму“, рече полскиот претседател. Тој најави дека лично ќе се заложи за да се најде решение за бугарското вето.
Тест за кредибилноста на процесот
Веродостоен тест за кредибилноста на процесот на проширување ќе биде претстојниот Совет за општи работи на ЕУ во декември и можноста да се направи исчекор на тој пат. Според Пендаровски, поддршката за деблокада на евроинтеграциите е од исклучителна важност за стабилноста и просперитетот на целиот регион и дополнителен поттик за реформските процеси.
Полскиот претседател вели дека Бугарија сѐ уште е во изборен процес и владата сѐ уште не е формирана, но ако и овој пат Бугарија каже 'не' за почнување на преговорите, Полска ќе преземе одредени чекори.
„Се надевам дека новоформираната влада во Бугарија ќе има поконструктивна позиција во поглед на пристапувањето на Република С Македонија во ЕУ. Доколку Бугарија и натаму реагира неконструктивно, односно каже 'не' за влез на РСМ во Европа, јас лично ќе истапам и ќе се залагам за изготвување на некој патоказ, односно документ којшто ќе послужи на РСМ полесно да се справи со ова прашање за влез во ЕУ“, рече Дуда.
Македонска поддршка за полските проблеми
Како сојузници во НАТО двајцата размениле мислења и информации и за актуелната состојба на полско-белоруската граница при што Пендаровски истакна дека изразил целосна поддршка за надминување на ситуацијата.
„За нас како држава се целосно неприфатливи постапките на раководството на Белорусија со кои се оркестрира оваа хуманитарна криза. Продолжуваме да ја разгледуваме ситуацијата во рамките на НАТО и повикуваме на итно запирање на сите активности насочени кон натамошна дестабилизација на ситуацијата на границата на нашите сојузници Полска, Литванија и Латвија“, рече Пендаровски.
Дуда искажа благодарност за македонската солидарност за проблемите со коишто се соочува Полска. Тој вели дека во моментов се случува хибриден напад на границата на Полска која е и граница на НАТО, односно станува збор за Полска, Литванија и Латвија. „Нападот е насочен кон полската граница која што имаме должност да ја обезбедуваме, но и секако да ја одбраниме територијата на Република Полска од нелегалната миграција. Ги правиме сите наши напори во поглед на тоа прашање и секако дека е од огромно значење поддршката која што ја добиваме од ЕУ и од НАТО која што и понатаму очекуваме да ја добиваме“, додаде тој.