Пендаровски: Ефектите од бугарската блокада се видливи
21 февруари 2022За Северна Македонија нема безбедносни ризици од бугарската блокада во ЕУ, но негативните ефекти се видливи и во земјата, и во регионот, вели македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју за ДВ.
„Да бидеме на јасно, ако во догледно време не биде тргната бугарската блокада, за нас не постојат никакви безбедносни ризици. Се разбира, ние посакуваме брза деблокада затоа што преговорите за членство се многу пати потврдени како корисен инструмент за реформи и прогрес во клучните области: економија, владеење на правото, професионална администрација, независно судство, борба против корупцијата, но, територијалниот интегритет е надвор од дискусија при каков било развој на настаните. Инаку, негативните ефекти од блокадата се веќе видливи кај нас преку поддршката за евроинтеграциите која е опадната за околу 20 проценти во последниве 18 месеци. Индиректно тоа ќе има свое влијание и во регионот: ако не напредува државата која направи тежок компромис со Преспанскиот договор, многу тешко ќе ги убедите државите кои сѐ уште имаат отворени прашања со своите соседи да го следат тој пример.“
Бугарскиот претседател Румен Радев не беше во Минхен, но Пендаровски таму се сретна со бугарскиот премиер Кирил Петков, кому му дал поддршка за новиот пристап во решавањето на проблемот меѓу двете земји. Во однос на најавената средба со Радев, Пендаровски вели дека таа сепак ќе почека други времиња.
„Во однос на средбата со претседателот Радев, постои редовна комуникација меѓу двата кабинети, но, заеднички заклучивме дека во овој период треба да им се даде шанса на разговорите меѓу двете влади и министерствата за надворешни работи“, вели Пендаровски за ДВ.