Не сум надлежен за изборите, но сериозно би размислувал за опцијата за нивно одложување, порача денеска претседателот Стево Пендаровски. Надлежните добро се справуваат со кризата, оценува шефот на државата.
Реклама
Освен проблемите со кампањата, кои според шефот на државата Стево Пендаровски, можеби можат и да се надминат, најголем проблем е денот на гласањето- 12 април. Поради тоа тој денеска им порача на политичките лидери да размислат дали одложувањето на изборите би било поволна опција во актуелниот момент поради пандемијата на коронавирусот.
„Ова е ситуација без преседан. Не велам донесете ја одлуката денес. Велам вие сте надлежни и размислувајте за здравјето на граѓаните. Ако се одложат изборите за еден или два месеци нема да биде крај на светот“, рече Пендаровски во денешното обраќање до граѓаните.
По добрите вести од Шпанија за скоро ратификување на протоколот за влез во НАТО, Пендаровски очекува дека Северна Македонија и Албанија на 26 овој месец ќе добијат и зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
За в понеделник Пендаровски закажа седница на Советот за национална безбедност на која ги кани и министерот за здравство и шефот на Генералштабот на Армијата. Ќе се разговара и за можен ангажман на армијата во справувањето со кризата, доколку за тоа се јави потреба. Тој засега отфрла потреба од воведување вонредна состојба.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.
Фотографија: picture-alliance/Ch. Mohr
8 фотографии1 | 8
„Не мислам дека има простор за паника, но не можете да се однесувате неодговорно и да одите на кафе во некое кафуле. Мора да го кренеме нивото на култура“, порача Пендаровски.
Шефот на државата ги пофали надлежните органи дека добро се справуваат со кризата со коронавирусот, односно „најдобро во регионот.“
Тој информира дека во изминатиот период се детектирани неколку обиди за организирано и планско ширење на лажни вести со цел дополнително да се влоши состојбата и да се изгуби довербата до надлежните органи околу коронавирусот. Пендаровски дополни дека не се работи за држави кои го прават тоа, туку „за ентитети“. Претседателот ја проверил состојбата и со стоковите резерви, и истата ја оценува како добра.
Повикува на информирање само од официјални извори и на единство во земјата додека да мине кризата.
„Да ги истераме овие месец-два, па потоа може да се вратиме на вообичаената партиска реторика за тоа кој е виновен, но сега не е време за тоа“, порача Пендаровски.