1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Пендаровски не го потпиша законот за дивоградби?

15 мај 2021

Со ново туркање на истиот закон, Заев и Мицкоски ќе мораат да објаснат дали „трампата“ која ја правеле за одблокирање на парламентот опфаќа и размена на државните и јавните- за партиски интереси? Пишува Борис Георгиевски

Nord-Mazedonien Präsident Stevo Pendarovski Zoran Zaev und Hristijan Mickoski
Средба на Пендаровски, Заев и Мицкоски на 12 јуни 2020 година. Фотографија: Büro des Präsidenten von Nordmazedonien

Првото „вето“ на претседателот Стево Пендаровски на едно законско решение изгласано во Собранието доби позитивен одиум во јавноста, а критики од двете најголеми партии- СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Со непотпишувањето на Законот, шефот на државата отвори фронт кој е реткост на домашната политичка сцена- СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на една, а јавноста и експертите на друга страна.

Два спорни члена во Законот за легализација на дивоградбите се причината поради која претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише. Тоа се членот 17 и членот 41. Првиот предвидува можност за легализација на објекти во заштитени подрачја, а преку вториот (41) на „мала врата“ се турка амнестија на политичари, јавни личности и новинари- претежно блиски до ВМРО-ДПМНЕ, за кои одамна се водат и судски процеси.
Образложенијата од Кабинетот на Пендаровски за двата члена се многу директни и критички.
Членот 41 со кој се предвидува запирање на управните и судските постапки за бесправно изградени објекти, според Пендаровски, е „особено спорен".
„Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува 'затскриена' амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба", се наведува во образложението на „ветото“. Притоа, Пендаровски меѓу редови ги упатува поддржувачите на Законот дека, ако сакаат амнестија, треба да донесат посебен закон кој ќе ја регулира таа материја и ги критикува дека сакале тоа да го сторат прикривајќи се зад овој закон:
„Преодните и завршните одредби на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се местото каде што на нетранспарентен начин ќе биде дадена амнестија."

Членот 17 пак е посебна приказна. Со него се предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“.

Ваквата можност, според образложението на Пендаровски, „е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, а дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита е, исто така, законска обврска на државата. Можноста, во наведениот член, за легализација на бесправно изградени објекти во подрачје на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети) е повреда на законската обврска на државата да ги заштитува културните добра и културното наследство."

Историја и естрада

Реакциите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по „ветото“ беа доста впечатливи. Случајно или не, честа да го брани законското решение од владејачката партија му се падна токму на вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал Љупчо Николовски, кој не се двоумеше да го спореди дури и со Преспанскиот договор. Па така дознавме дека законот за дивоградби има и историски и популистички размери- од една страна заштитува 50 илјади граѓани да не останат без „покрив над глава“, а од друга е дел од сетот решенија како што е „прашањето за името“.

Од другата страна, микрофонот го доби лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој потврди дека законот за дивоградби бил дел од компромисот за одблокирање на Собранието, но не се согласи дека го изгласале „сложно во Собранието“ со СДСМ. Откако неговата партија блокираше повеќе закони во Собранието со поднесување илјадници амандмани, за Мицкоски е нејасно зошто некои „естрадни“ политичари во парламентот не го сториле истото и со овој закон. Острицата на критиката беше сепак насочена кон Пендаровски кому опозицискиот лидер му префрли дека во минатото потпишувал „многу поштетни" закони.

Освен правните, урбанистичките и еколошките дилеми кои веќе ги отвори, враќањето на овој закон во парламентот ќе ни каже многу и за мотивацијата која ги влече политичките процеси во државата.
Со евентуалното ново туркање на истото законско решение во Собранието, Заев и Мицкоски ќе мораат на јавноста подетално да и објаснат и што точно е договорено на средбата на 29 март во Клубот на пратеници и дали законодавната „трампа“ која ја правеле за одблокирање на работата на парламентот опфаќа и размена на државните и јавните- за партиските интереси? Не дека и вака нема да се дознае, но добро е да се подвлече таа линија на приоритети под која не би се одело. На пример, да се дефинира дали е воопшто државен интерес да имаме нов закон за служба во АРМ ако Стевчо Јакимовски не е амнестиран? Или може ли Собранието да дебатира за набавка на вакцини, Закон за здравствена заштита или слично во пандемијата, а хациендата на Латас да не е се уште легализирана? Конечно, каква е таа „социјална“ држава ако урива објекти на граѓани изградени во национални паркови, покрај извори на вода за пиење или археолошки наоѓалишта? 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми