1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски и Заев: Нема преговори за идентитетот и јазикот

БГ
29 октомври 2020

Отстапки кон Бугарија во делот на идентитетот и јазикот нема да има, категорични се шефот на државата Пендаровски и премиерот Заев. Тврдат дека до нив не стигнал официјален предлог за компромис.

Nord-Mazedonien Übergabe des Mandats zur Regierungsbildung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев велат дека не се подготвени на отстапки и компромис со соседна Бугарија кој би задирал во македонскиот идентитет или јазик. По денешниот состанок на Советот за безбедност посветен на кризата со коронавирусот, двајцата највисоки државни функционери ги коментираа последните информации кои доаѓаат од Брисел и Софија.
„Тоа што можам категорично да го повторам е дека нема отстапки и нема, ниту ќе има преговори за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа е наше чувство и секако преговори за нашиот идентитет не треба да има“, рече Пендаровски. Шефот на државата очекува да се пронајде компромис со Бугарија, на истиот начин на кој што беше најден и со Грција, без да елаборира на што точно мисли.
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева вчера изјави дека се бара компромис со кој Софија ќе ја признае реалноста, односно постоењето на македонскиот јазик и нација, а од Скопје се бара да го признае минатото, односно дека корените и на јазикот и на нацијата се бугарски. Во спротивно, Бугарија ќе го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Со слична вест, информирајќи за состаноците на ЕУ претставници во Брисел, на линија на изјавата на Захариева денеска излезе и порталот Политико.
Заев вели дека таков предлог, официјално, не стигнал до владата од бугарска страна, но вели дека е факт оти имаме заедничка историја.
„Се согласувам со претседателот Пендаровски дека нема преговори за идентитетот и јазикот. Но, меѓусебното разбирање внатре не носи кон она што го викаме реалност. Факт е дека имаме заедничка историја и ако бидеме паметни со доминантен фокус на иднината имаме можност да го искористиме тоа“, рече Заев.
Премиерот ги толкува информациите од Брисел како добри и смета дека тие го отвораат патот за почеток на преговорите.
Во однос на полемиките за етничката припадност на Гоце Делчев, и дебатите кои на таа тема се водат во Мешовитата историска комисија на двете држави, претседателот Пендаровски оценува дека тоа не е работа ни на историчарите.
„Ако Гоце Делчев во некои документи, како што велат од бугарска страна, се изјаснил како Бугарин, ние во Македонија имаме многу документи дека тој се борел за Македонија и сакал да почива во Македонија. Тука се неговите мошти, во Скопје", рече Пендаровски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми