1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски не се повлекува во спорот за Отворен Балкан

БГ
16 декември 2021

Претседателот на државата Стево Пендаровски ги обвинува советниците на премиерот Зоран Заев за небулози во размената на двајцата водечки државни функционери околу иницијативата Отворен Балкан.

Стево Пендаровски Зоран Заев
Стево Пендаровски и Зоран ЗаевФотографија: DW/P. Stojanovski

Опонирањето меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот во оставка Зоран Заев во однос на иницијативата „Отворен Балкан“ зема нов правец откако претседателот оцени дека постојат небулози во соопштението од премиерскиот кабинет.

Во четвртокот, најпрво кабинетот на Заев објави изјава во која премиерот го критикува вчерашниот став на Пендаровски дека иницијативата Отворен Балкан е „фалична“. 

За Заев, ваквата критика на проектот е неразбирлива, а претседателот Пендаровски „нема ингеренции“ да се меша во прашања „во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи“. 

Во интервју за Топ Телма на ТВ Телма, Пендаровски во четвртокот ги коментираше забелешките на премиерот, и особено последниот пасус од соопштението во кое Заев наведува очекување дека шефот на државата „ќе го промени ставот“.

„Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, изјави Заев.

Спорниот пасус  

Ваквиот пасус, според Пендаровски, „не е типичен за Зоран Заев“ и вели дека е индикативен.
„Се сомневам дека некој од неговите познати ПР советници или стратези му сугерирале да напише една таква небулоза во соопштението“, рече Пендаровски. 

Пендаровски вели дека сите забелешки за иницијативата ги изнел уште на лидерска средба во 2019 година и дека останува на нив и денес. Шефот на државата уште тогаш потенцирал дека нема да ја поддржи иницијативата доколку таа е „компензација за полноправно членство во ЕУ или е некаква реставрација на Југославија“, односно доколку започне да се занимава со политички, наместо со економски и трговски компоненти. 

Лидерска средба: Скопје нема да прифаќа интеграции од „Б“ категорија

Пендаровски вели дека го поддржува „Отворен Балкан“, сѐ додека е тој во актуелните рамки на соработка, но претпочита иницијативата да стане дел од Берлинскиот процес, а не да се развива паралелно со него. Дополнителна слабост на иницијативата, според претседателот, е што во неа се само три држави од регионот: Албанија, Србија и Северна Македонија, а отсуствуваат Косово, БиХ и Црна Гора.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми