1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Темелите на државата се антифашистички

ДТЗ
11 октомври 2021

Темелите на оваа држава се илинденски и антифашистички и во моментот кога тоа ќе се заборави ќе почнеме да го уриваме единственото место на светот кое е нашиот дом, порача Претседателот.

Nord-Mazedonien | Präsident Stevo Pendarovski
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Темелите на оваа држава се илинденски и антифашистички и во моментот кога тоа ќе се заборави ќе почнеме да го уриваме „единственото место на светот кое е нашиот дом“, порача претседателот Стево Пендаровски на Могилата на непобедените во Прилеп, на одбележувањето на 80-годинината од 11 Октомври – Денот на народното востание, почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава. Тој е дециден дека „ако не бевме дел од антифашистичката коалиција, денес немаше да имаме своја држава. „Само како дел од неа, можевме да дојдеме до своја и сопствена држава“, вели Пендаровски. 

На 11 октомври 1941, борците на партизанскиот одред ‘Гоце Делчев’ го означија почетокот на народното востание, како тогаш последна етапа на историскиот континуитет на борбата за слободна македонска држава. Пендаровски вели дека востанието во своите редови ги имаше сите идеолошки струи на македонското ослободително движење – антифашисти, демократи и комунисти, а во одредите пристапија и комунисти и демократи, напредни студенци и шпански борци без ралика на националност или религија“, вели Пендаровски. 

Според претседателот, македонскиот народ уште на самиот почеток се приклучи кон антихитлеровската коалција кога цела Европа беше покорена, а окупаторите изгледаа непобедиви. „За надидеолошкиот карактер на борбата, зборува и фактот дека партизаните на слободните територии не инсталирале комунистички режим, туку создале нови органи на народната власт, како никулци на идната слободна македонска држава“, рече Пендаровски. Според него, над 1.100 споменици на антифашистичката борба низ цела земја, се најсилен доказ против секој вид историски ревизионизам. 

Избрана е потешката, но исправна страна 

Оваа година е посебно значајна, затоа што се одбележуваат јубилејни 80 години од денот кога борците на антифашистичката генерација се исправија решително и несебично во борба за слобода и достоинство, положувајќи го најскапоценото во глобалната битка на доброто против злото, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неговата честитка по повод државниот празник, 11 Октомври – Денот на народното востание. 

„Тие ја избраа потешката, но исправна страна и со тоа ги сочуваа своето достоинство, човечноста и солидарноста но над сѐ, го дадоа својот придонес за подобар, похуман и поцивилизиран свет, свет без болка, солзи, без поделби и тага“, вели Џафери. Според него, битно е, лекциите од минатото да се научат, да се запомнат и никогаш повеќе да не се повторат затоа што, поделбите никому не носат ништо добро и во овој свет само сплотеноста носи кон прогрес. 

Пендаровски е дециден дека „ако не бевме дел од антифашистичката коалиција, денес немаше да имаме своја држава“Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Треба да се извојува победа на разумот 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оценува дека „им ја должиме слободата на тие што се избориле за неа, но им должиме и на идните генерации, нашите синови и ќерки, нашите внуци да им ја оставиме слободата каква што сме ја добиле“.  

-повеќе на темата: Празнување и преиспитување: Осум децении од историскиот 11 октомври

„Ако некои народи велеа дека е подобро да се живее на колена, отколку да се загине на нозе, нашиот народ реши да се исправи на нозе и да крене глава за слобода, и се запиша помеѓу народите предводници на антифашистичката борба“, порача Мицкоски во празничната честитка. Според него, никој нема право, а најмалку тие кои ја водат државата, да внесуваат сомнежи, ниту поделби или да прават трговија со нашата колективна заслуга во борбата против фашизмот. 

„Наша задача денес е да издвојуваме победа на разумот, на нашето право да создаваме нова иднина за нашите луѓе. Тоа е иднина темелена на морал и принципи. Нашите луѓе се пркосни, храбри, работливи и знаат што сакаат. Овој народ си ја сака среќата и местото под ова парче небо. И овој народ ќе се избори“, вели Мицкоски. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми