1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Мали шанси за почеток на преговори со ЕУ

ДТЗ
26 мај 2022

Претседателот Стево Пендаровски нема ништо против идејата Бугарите да влезат во македонскиот Устав, но бара гаранција дека тоа е последното барање од бугарска страна.

Stevo Pendarovski
Фотографија: President of North Macedonia

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју за „Еуроњуз“ проценува дека шансите за почеток на преговорите денес – по 17 години кандидатски статус на земјата, се помали од 50 отсто. „Според објаснувањата на Бугарија, тие сакаат да го имитираат однесувањето на Грција кон Северна Македонија во последните децении, поставувајќи ни предуслови за влез во Европската Унија, со цел да го заштитат националниот интерес“, вели претседателот во интервјуто коешто го пренесува агенцијата МИА.

Тој е дециден дека треба да се говори за вистинските аргументи и критериуми што државата ги исполни за влез во Унијата, а не да се дискутира за 19. или 20. век. „Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките. Зошто? Затоа што Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа ’не си Македонец‘. Во ситуацијата со Грција, дадовме можност, ако сакате да се идентификувате како етнички Македонец, можете да го направите тоа. Ако некои луѓе во Грција денес велат дека се Македонци, имаат право на тоа. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем“, вели Пендаровски.

Гаранција дека нема да има повеќе барања

И покрај сите случувања на европскиот континент со руската инвазија на Украина и сите геополитички мотиви што го доведуваат во прашање концептот на обединета Европа, Пендаровски вели дека бугарската позиција сè уште е тешка, и не се забележани значителни промени, во пресрет на одлуката на Брисел што земјата ја очекува до крајот на јуни.

Во однос со вклучување на бугарското малцинство во Уставот на Република Северна Македонија, Пендаровски вели дека тоа е една од ретките работи што ги обединува владејачката и опозициската партија.

„Ова е една од темите за која сите партии во парламентот се едногласни. Зошто да не ги вклучиме Бугарите во нашиот Устав? Но, ние сакаме ова да биде врзано со рок, сакаме гаранција дека ова е последното барање од бугарската страна, за бугарското малцинство, Бугарите кои живеат во Северна Македонија. Во спротивно, секој месец или секоја година ќе мора да продолжиме да ги убедуваме нашите граѓани да сменат нешто, било да е тоа нашиот Устав, законите или нешто друго. Можеме да го направиме ова, но каде е гаранцијата дека ова е последното бугарско барање на оваа тема?“, вели шефот на државата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми