1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Ќе обединувам, нема да делам!

5 мај 2019

Според првични неофицијални резултати, Пендаровски освоил 423.292 гласови (51,83%), а Сиљановска 363.980 (44,57%). Претседателот на ДИК вечерва му честиташе на победникот.

Nord-Mazedonien, Skopje: Präsidentschaftskandidat des amtierenden SDSM Stevo Pendarovski feiert nach vorläufigen Ergebnissen
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Заедничкиот кандидат на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, е победник на шестите претседателски избори и избран за петти претседател на државата, односно прв по промената на нејзиното име во Република Северна Македонија.

Уште од 21 часот во штабот на СДСМ почна прославата на изборната победа, каде вечерва се собраа голем број функционери од коалицијата, партиски симпатизери и поддржувачи. 

„Слушнете го врховниот командант", им се обрати Пендаровски на присутните.

„Мој народе благодарам. Фалиминдерит", рече тој, заблагодарувајќи им се на гласачите од сите етнички заедници кои овозможиле земјата да продолжи по патот напред.

„Победија граѓаните. Свечено сакам да објавам дека ќе им служам посветено на сите. Исходот е уште поголем, затоа што ова е победа на обединувањето и заедништвото, на концептот кој и’ носи иднина на земјата, и е доказ дека стабилноста, напредокот и безбедноста се можни само кога сме обединети. Ќе се залагам за правичност и правна држава. Ќе обединувам, нема да делам. Ќе бидам фактор на стабилност, а не фактор на кризи. Мрачното минато е зад нас. Благодарение на сите вас донесовме зрели одлуки за патот напред", порача Пендаровски.

Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска на гласачко место во СкопјеФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Тој им се заблагодари на сите партии кои го подржаа, но и на противкандидатите Гордана Сиљановска и Блерим Река за нивниот придонес за демократскиот изборен процес.

„Ќе бидам претседател на сите", вети Пендаровски. 

Се обрати и премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој порача дека земјата доби претседател на државата, на чисти фер и демократски избори.

„Заедно одиме напред со Стево Пендаровски. Ви честитам претседателе на Република Северна Македонија. Да ни ги чуваш и штитиш граѓаните", му порача Заев на Пендаровски.

„Да ни ги чуваш и штитиш граѓаните“, му порача Заев на ПендаровскиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Според премиерот, со овој избор патот на државата е потврден и поплочен со успех.

„Ова е победа на концептот 'заедно напред', но пред се’ победа на граѓаните и Републиката. Од денеска никој повеќе не може да застане на патот на прогресот и перспективите. Нашето место е во НАТО и ЕУ. Крај за режимот и мрачното минато. Наскоро почнуваме преговори со ЕУ. Ги отстрануваме слабостите. Ставаме крај на поделбите. Напредокот на Северна Македонија ќе биде мотор и на регионот", порача Заев.

Повеќе:

Сиљановска: Не се чувствувам поразена, туку наградена

СДСМ говори за фер процес, опозицијата за „изборен инженеринг“

 

Тој им се зблагодари на граѓаните од сите етнички заедници, на сите партии и на сите институции кои придонесоа за фер и успешен изборен процес. 

Притоа соопшти дека и кандидатите на СДСМ победиле на изборите за градоначалници во Охрид и Ново Село.

Фотографија: rezultati.sec.mk

Според првичните неофицијални резултати, Стево Пендаровски освоил 423.292 гласови (51,83%), а Гордана Сиљановска 363.980 (44,57%). Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, вечерва му честиташе на победникот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми