1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензионирање на полските непослушни судии

Моника Ширацка
3 јули 2018

Владејачката партија сака некои судии од Врховниот суд да ги испрати предвремено во пензија. Тие пак се противат. Судиите сметаат дека тоа е кршење на правото и не сакаат да се повлечат од служба. ЕУ е на нивна страна.

Polen Malgorzata Gersdorf Präsidentin des Verfassungsgerichts in Waschau
Фотографија: Imago/ZUMA Press/M. Wlodarczyk

Трети јули теориски е последниот работен ден на претседателот на Врховниот суд во Варшава. Малгоржата Герсдорф и неколкумина од нејзините соработници според новите правила кои сега стапуваат на сила, треба да бидат пратени во пензија. Европската комисија сака тоа да го спречи и вчера, 2.7. отпочна постапка  против полската влада поради повреда на Договорот за ЕУ.

Законот контра Уставот

Судиите кои се засегнати од новите правила не ни помислуваат да заминат во присилна пензија. Го сметаат барањето за противзаконско. За тоа имаат и соодветни аргументи. Полскиот устав експлицитно вели дека судиите на Врховниот суд се избираат за мандат од шест години и дека може да работат додека не навршат 70 години. Покрај тоа, не можат да бидат отповикани од позицијата, или да им биде врачен отказ. Според ова, не се можни ни преместувања во други судови. Судиите кои и покрај новите правила сакаат да продолжат да работат, имаа време до крајот на мај да му врачат на претседателот на државата соодветни изјави. Останувањето на служба би било можно само со негова согласност.

Според Малгоржата Герсдорф се работи за апсурдна постапка која таа и нејзините најблиски соработници од почеток ја отфрлиле. Тоа е само еден од многу примери како националконзервативната влада ја брише поделбата на власта меѓу егзекутивата и судството. „Уставот за оваа почесна позиција ми гарантира шест години и јас не гледам причина за тоа да поднесувам молба до егзекутивната власт, тоа за мене никако не доаѓа во предвид", вели 66-годишната судијка и претседател на Судот.

Судиите си тераат по свое

Професорката по право, која од 2014. е првата жена во историјата на Полска која била на чело на Врховниот суд, е трн во окото на власта, бидејќи јавно ја критикува реформата во судството. Нејзиниот став е ценет меѓу колегите, па и во кавгата со Владата ужива нивна поддршка. „Судијката Малгоржата Герсдорф останува во духот на полскиот Устав на чело на Судот сѐ до 30. април 2020”, се вели во соопштението на Советот на судии од минатата недела. Ставот бил едногласно поддржан. Ако Малгоржата Герсдорф сака и покрај забраната да продолжи со работа, таа не е сама против владата.

Расте отпорот кај народот против ставањето на правосудството под капа на владејачката партијаФотографија: picture-alliance/dpa/T.Gzell

Неподобните судии мора да си заминат

Во моментов во Врховниот суд има 76 судии. Од нив 27 се постари од 65 години. Ако сакаат да одат во пензија, гремиумот би се намалил за една третина. Владиното мнозинство би можело слободните места тогаш да ги пополни со судии блиски до власта. Покрај тоа, Судот за прв пат добива и поротници кои ги назначува Сенатот. И тоа е новитет. Досега немаше волонтери на Врховните судови. Тие треба, според луѓето од Министерството за правда, да го обезбедат „учеството на општеството" во процесот на одлучување на судовите.

За владата е важно Врховниот суд што е можно поскоро да го стави под своја контрола. Тој во иднина треба да одлучува и по прашањето дали изборите се важечки. Во Полска наесен се гласа локалната самоуправа, а следната година се парламентарните избори.

Нема да има паралелно судство

Во Варшава со тензија се очекува одлуката дали судиите кои и покрај новите правила не сакаат да се повлечат, ќе може да продолжат да работат. Претседателот Анджеј Дуда денеска ќе одлучи до кога претседателката на Судот, Герсдорф смее да остане на својата позиција – и тоа, и покрај фактот што таа не ни побарала дозвола бидејќи тоа го смета за апсурд. Министерот за правда, Жбигниев Жиобро, се заканува со „дисциплински мерки" против непослушните. „Во Полска нема паралелено судство, туку само правниот систем во кој е втемелено важечкото право", рече тој и ги предупреди судиите „да не стојат над законот".

Повеќе: 

Национализам кој доаѓа од Исток

Битка за судството

Расчистување со старите елити

Со законот за Врховниот суд речиси е комплетирана реформата на Врховниот суд. Претходно на министерот за правда му беше придодадена компетенцијата да одлучува за назначување и отповикување на судии. И Уставниот трибунал и Судскиот совет, кој е контролен орган за судиите, е сега пополнет со судии послушници. Реформата во судството е едно од најважните предизборни ветувања на националконзервативната владејачка партија. Таа е насочена против старата „каста судии", кои според министерот за правда Жиобросе грижат само за сопствените интереси и во која наводно сѐ уште делуваат стари комунистички врски.

Без јавна функција, но сепак моќен, Јарослав Качински (во средината) Фотографија: picture alliance/dpa/AP Photo/C. Sokolowski

Брисел ја критикува Полска

Венецијанската комисија на Советот на Европа и Европската комисија ја критикуваат судската реформа во Полска. Од декември 2017. за прв пат во ЕУ против една земја членка е отпочнат процес поради повреда на правната држава кој во краен биланс може да го ограничи правото на глас на Полска за одлуките на Унијата. Полската влада се товари дека ја укинала поделбата на властите и дека го политизирала судството.

Протести на опозицијата

Опозицијата мобилизира и најавува протести против политизирањето на судството. Тоа треба да е сигнал за Европа за да го задржи притисокот врз полската влада и да го продолжи отпочнатиот процес.

Поранешниот претседател на земјата, Лех Валеса, од Гдањск се замеша во актуелната политика. Ако владејачките структури на било каков начин го нападнат Врховниот суд, тој ќе дојде во Варшава, се закани тој: „Крај на уништувањето на полската држава!" Тој сака да го тргне на страна „главниот причинител на целата несреќа" и тоа „физички". За тоа би му требале 100 илјади луѓе кои треба да го чекаат во Варшава. „Ако полицијата ми застане на патот, ќе се бранам", пишува 75-годишниот Валеса и притоа најавува дека поседува и оружје. Некои го сметаат за луд, за други пак е легенда на антикомунистичката опозиција и нивна надеж. На Варшава ѝ претстои жешко политичко лето.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми