1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензија со 68 години? Гнев поради предлогот на експертите

ЖА /ДВ
10 јуни 2021

Советниците на Министерството за економија предлагаат границата за одење во пензија во Германија да се подигне од 67 на 68 години. По овој предлог се фрла со дрва и камења, па и самиот министер засега ја отфрли идејата.

Symbolbild Deutschland Rentner
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поради големите трошоци за санација на пандемијата, но и поради заминувањето во пензија на генерацијата на беби-бумерите, родени на крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години, на Германија веќе од 2025 година ѝ се заканува „шокантен пораст на проблемот во финансирање на законски одредената пензија“, се вели во анализата на експертите кои ја советуваат германската влада.

Не само што има сѐ помалку млади, туку и животниот век на жителите на земјата станува сѐ подолг и затоа старосната граница за одење во пензија долгорочно веќе „нема да може да се одвојува од очекуваниот животен век“. Илузија е дека можат да се избегнат „зголемени пензиски давачки и пониски пензии“, инаку државата мора да смета на „силно зголемување на субвенциите за пензиско осигурување од државниот буџет.“

Ако треба да се задржи односот на уделот на живот поминат во работа и уделот поминат во пензија, тогаш оние кои денес работат, а во пензија ќе заминат во 2042 година или подоцна, би морале да работат до наврешни 68 години. Инаку сѐ повеќе пари од државата ќе мора да се одвојуваат за пензии, а сѐ помалку ќе останува на пример за образование, инфраструктура и заштита на климата. Пензиите „ќе го поткопаат капацитетот на нашиот социјален систем“, вели претседателот на Советодавниот собир на германското Министерство за економија, Клаус М. Шмит.

Оган од сите оружја

Не треба да чуди што оваа вест стана политичка бомба триипол месеци пред изборите за Бундестаг: опозицијата веднаш се крена на нозе, а лидерката на партијата Левица, Сузане Хениг-Велсов предлогот го нарече „асоцијален“. Од нејзината партија велат дека правата на пензионери ќе ги бранат „со заби и со нокти“.

Повеќе:

Германија воведува минимална пензија

„Во Германија не тече мед и млеко“

Митови и факти за германските пензии

Тука се отвори шанса и за помалиот партнер во германската владина коалиција, германските Социјалдемократи, кои експресно го отфрлија предлогот: „Со мене нема да има никакво зголемување на старосната граница за пензија“, изјави кандидатот на СПД за канцелар, Олаф Шолц. „Тоа не само што е погрешно пресметано, туку предлогот е и асоцијален. Се радувам на дебата со вистински стручњаци“, вели Шолц, кој во актуелната влада е министер за финансии.

Кон нападот врз иницијативата се приклучи и неговиот партиски колега, министерот за труд Хубертус Хајл, со соопштение дека зглемувањето на старосната граница е „погрешен пат“. Законската пензија е важно ветување на социјалната држава. Тука станува збор за признание за животниот придонес и за сигурноста во старост. „На тоа секој мора да може да се потпре“, вели Хајл.

И баварската ЦСУ ја отфрла идејата

Стрелба отвори и баварската сестринска партија на ЦДУ- челникот на покраинската група на ЦСУ Александер Добринт вели дека партијата „отфрла подоцнежно заминување во пензија“ и наместо тоа повикува на „ефикасна реформа на приватните пензиски осигурувања.“

Сиромаштија на старост

05:10

This browser does not support the video element.

Извештајот на експертите е направен за Министерството за економија, на чие чело е Петер Алтмајер од ЦДУ. Припадниците на Левица го повикаа „веднаш да ги избрка своите советници, инаку веднаш ќе почне предизборна битка на тема пензии.“

По целата бура, Алтјамер се јави на Твитер за и самиот да го одбие предлогот на својот тим стручњаци и патем, да ги подбуцне Социјалдемократите. Алтмајер потсети дека границата за одење во пензија на 67 години своевремено беше подигната „на предлог на ценетиот колега“ Франц Минтеферинг од СПД.

„Границата треба тука и да остане, тоа е мое мислење со години“, додава Алтмајер.

Очигледно дека во пресрет на изборите, пензиите во никој случај не се тема со кои ЦДУ би сакала да ги плаши своите избирачи. Зашто, избирачоте се или денешни или идни пензионери.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми