Перковиќ пуштен од притвор
3 јануари 2014Според медиумите, загрепскиот Жупаниски суд го заменил истражниот затвор за Јосип Перковиќ со мерки на внимателност, меѓу кои се и одземање на личната карта и забрана за напуштање на домот.
Адвокатот на Перковиќ, Анто Нобило се жалеше на одлуката неговиот клиент во истражен затвор да ја дочека екстрадицијата во Германија, која го товари за учество во убиство на хрватски имигрант во 1983 година.
Перковиќ беше уапсен на 1 јануари врз основа на европски налог за апсење.
Во пресрет на влезот на Хрватска во ЕУ во јули 2013 година, Хрватска ја ограничи примената на европскиот налог за апсење на кривични дела сторени по август 2002 година, што доведе до судир со ЕК и закани за санкции за Хрватска, бидејќи на тој начин се оневозможи израчување на Перковиќ. Потоа беше пронајден компромис со кој од 1 јануари 2014 година европскиот налог ќе се применува без временско ограничување.