1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Перспективата

17 јуни 2020

Македонија се наоѓа во една од најсериозните кризи воопшто, иако кризи имаме постојано. Сепак, денешниот ден- 2 години од Договорот од Преспа -на добар начин не потсетува дека сме имале и подобри времиња.

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Денешната прослава на две годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, искрено, изгледа како сцена од некој друг живот. Спомените од катарзата низ која поминавме, чувството на егзалтираност, пораките за меѓусебно пријателство, и громогласниот аплауз на меѓународната заедница, кој, еве после две години, продолжува со награди за човекови права за потписниците, од оваа перспектива, ни изгледаат како некое дамна заборавено минато, дел на друга, паралелна историја на некоја посреќна земја.

Можеби е ова ден за интроспектива.  Мислам дека треба со луцидна интервала да ги погледнеме реалните придобивки и пост-преспанскиот политички амбиент, цената која за тоа ја плативме, но и реално да го погледнеме суштинското прашање: дали се исплатеше?  Вака, од подоцнежна перспектива, изгледа дека преспанскиот договор не е ни нешто повеќе ни нешто помалку од она кое беше претставено: компромис за името на државата, ерга омнес, но задржување на македонскиот идентитет, и пробив кон евроатлантските интеграции.  Две години подоцна, се покажува дека, сепак, на големо изненадување на потписниците на теориите на заговор, токму тоа е и реалноста, нема заговор против нас, никој не не' „прелажа“ без да испорача, и членството во НАТО и ЕУ е на вистински пат.  Оттаму, мислам дека е реален заклучокот дека сепак, за две години навистина успеавме да направиме нешто што претходно не беше возможно со децении.  Сепак, немало скриени агенди, немало скриени параграфи, и договорот е се она што ветуваше дека ќе биде: пробив кон ЕУ и НАТО и суштинско поместување на нашата судбина.  Дополнително, и смената на власта во Грција не го загрози, а ние полека стануваме суштински пријателски земји.

Затоа мислам дека прогнозите дека актуелната криза, здравствена и економска, ќе има пресудно влијание на изборот на гласачите на овие избори, сепак се само делумно точни, и во смисла на излезност, и во смисла на избор на партии.  Прво за излезноста: најголем дел од излезените гласачи се сепак дел на таканаречени јадрени партиски поддржувачи, гласачи идеолошки врзани за својата партија, кои не се двоумат дали и за кого ќе излезат да гласаат.  Така, намалувањето на излезноста, според мене, не би било поголемо од 20% во релативна смисла, значи од 1,100,000 на 850-900,000 гласови.  Значи излезноста ќе биде една релативно инертна варијабла на изборите.

Други колумни од Петар Арсовски:

-Неутрално до балчак

-Се’ по список

-Лажни дилеми

Инертен ќе биде и рејтингот на партиите.  Гласачите се свесни дека бираат власт за наредните четири години, а не за наредните четири недели, па така, како што ќе наближуваат изборите, така проекцијата на гласачките преференции ќе тежнее кон нивниот стандарден избор, а тој сепак се сведува на оваа погоре спомената, исконска, дилема: дали сакаме да го продолжиме овој правец кој го избравме со преспанскиот договор, или сакаме да го смениме.  Во тој суштински избор се содржани сите мали одлуки за кои тековно мантраме.   Таа генерална одредница, сепак, ќе биде критичната варијабла која ќе ги одреди изборите.  Гласањето, во основа, е чин на политичка трансакција – глас за мандат, која е слична на купување детергент во продавница, со една суштинска разлика: детергентот можете да го смените кога сакате.  Затоа, гласачките проекции ќе имаат тенденција да ги перципираат сегашните состојби како транзиторни, и да се фокусираат на подолгорочна проекција.  Затоа мислам дека сегашната актуелна состојба нема да има преголемо влијание на излезноста или политичкиот избор. 

Потпишување на договорот за името во Преспа

04:10

This browser does not support the video element.

Се разбира, оставам простор за изненадувања доколку здравствената состојба суштински ја загрози безбедноста на гласањето, но, добри протоколи и нивно почитување, би требало чинот на гласање да го направат побезбеден од безброј мали активности кои ги правиме секој ден: пазарување во маркет, возење во автобус или такси, седнување во кафеана. Под услов Државната изборна комисија да почне да си ја врши својата работа, наместо работата на своите партиски шефови.  Ако протоколите се навистина добри, ако надлежните органи ги спроведат така ревносно како што се кријат во дупка кога тоа ќе им го наредат од штабовите, имаме шанса да добиеме едни од најбезбедните избори досега.  Тоа може да ја подигне и довербата и излезноста на гласачите.

Повеќе:

-Коронавирусот урива рекорди: Нови 193 заразени во земјата, 140 во Скопје

-Награда за човекови права од „Фридрих Еберт“ за Зоран Заев

На крајот, сепак, мислам дека најдоброто сознание од оваа ситуација, со прославата на двегодишнината од преспанскиот договор, е дека оптимизмот зависи од перспективата. Ние сме во моментов се наоѓаме во една од најсериозните кризи во кои Македонија се наоѓала воопшто, иако кризи имаме постојано.  Сепак, денешниот ден на еден добар начин не потсетува дека сме имале и подобри времиња, кои сеуште се „таму некаде“ и можат да се вратат.  Светот продолжува напред, а со него и ние, штом ќе се отплеткаме од дупката во која сме во моментов.  Мислам дека ова сознание, дека надвор од таа дупка, сепак има некаква опција за понатамошен напредок, може да биде вистински лек за депресијата во која моментално се наоѓаме.  Добро е да се знае дека, кога тековната криза ќе помине, нас сепак не чека една оптимистичка варијанта, интеграција во светското семејство на возрасни нации.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми