1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата повторно ја закова Македонија на европското дно

29 јануари 2019

Македонија е повторно поблиску до светското дно одошто до врвот во однос на перцепцијата за корупција во земјата. Новиот извештај на Транспаренси Интернешнал ја открива и врската меѓу корупцијата и демократијата

Internationales Büro von Transparency International in Berlin
Фотографија: DW/C.Vieira Teixeira

Македонија останува на европското дно според степенот на перцепција на корупцијата на граѓаните во земјата. Во годишниот извештај на Транспаренси Интернешнал за 2018 година објавен денеска Македонија е во „сендвич“ помеѓу Косово и Монголија и со нив, како и со уште неколку други држави, го дели 93 место меѓу 183 земји во светот опфатени со анализата. 

Во годинешниот извештај Македонија бележи индекс од 37, со што е поблиску до дното одошто до врвот на листата. За споредба, највисоко на листата веќе со години се Данска, Нов Зеланд и Финска чиј индекс изнесува во просек околу 86 поени. На дното, исто така со години, се наоѓаат држави како Сомалија, Јужен Судан и Сирија кои едвај достигнуваат двоцифрен индекс од 10 до 13 поени. Македонија годинава забележала напредок од два индексни поени (од 35 на 37) што и донело повисока позиција од 14 места во однос на извештајот за 2017 година, кога била на 107 место. Според Транспаренси Интернешнал, највисок индекс на перцепција на корупцијата од 45, Македонија имала во 2014 година. 

Политикологот од Институтот за демократија, Миша Поповиќ како позитивен го оценува податокот дека годинава е запрен падот на оценката, но смета дека нема простор за славје. 

Корупцијата како индикатор за демократијата

„Веројатно многумина ќе го коментираат растот од 14 места во подобрен ранг, но таквиот скок е направен бидејќи нашите соседи имаат влошени оценки. Тоа влијае многу повеќе отколку подобрувањето на оценката од 35 на 37. Очигледно е дека оценката изразува некаков моментум во општеството, во кој граѓаните стануваат сѐ почувствителни на корупција. Овој моментум мора да се надополни со политичка волја и ефикасни институции кои ќе испорачаат резултати“, вели Поповиќ за ДВ.

ТИ оваа година покажаа дека не постои функционална демократија под 50 поени на индексот, вели Миша ПоповиќФотографија: Societas Civilis

Од друга страна, забележува политикологот, борбата против високата корупција во Македонија за жал сѐ уште е, во најмала рака срамежлива и се сведува на неколку случаи, главно водени од СЈО. За засилување на ефектот во борбата против корупцијата се очекува почетокот со работа на новата Антикорупциска комисија. Идното подобрување во многу ќе зависи и од работата на оваа комисија, смета Поповиќ. 

За него во годинешниот извештај на Транспаренси Интернешнал е индикативна врската меѓу функционалната демократија и перцепцијата на индексот на корупција од страна на граѓаните. 

„Интересно е како ТИ оваа година покажаа дека не постои функционална демократија под 50 поени на индексот. Македонија има 37 и ќе требаат години за да стигне до таму. Но ете, токму оваа релација помеѓу корупцијата и нападот на демократијата нека биде водилка за политичките актери при носењето одлуки“, вели Поповиќ. 

Пад за Унгарија и САД

Западноевропските држави членки на ЕУ традиционално добро котираат на листата на перцепција на корупцијата, но годинава назадување бележат три земји од источна и југоисточна Европа: Унгарија, Грција и Бугарија. Алармантна е состојбата во Унгарија чиј индекс е намален за 8 поени, на Грција за три, а на Бугарија за еден (1). 

За одбележување во годинешниот извештај е падот на САД за четири индексни поени во однос на минатата година, со што земјата се првпат од 2011 година не е меѓу 20 најдобри во светот. Причината за падот на САД, според Транспаренси, се заканите врз системот на контрола во земјата, како и ерозијата на етичките норми на највисокото ниво на власта. 

Германија годинава се искачила за едно место повисоко на листата (11), иако забележала намалување на индексот за еден поен. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми