Песимизам во Давос
21 јануари 2015
На Светскиот економски форум во Давос, кој трае четири дена, има околу 2500 учесници, меѓу кои и стотици врвни менаџери и политичари од 140 земји. Годинава на дневен ред за дискусија се „сите големи теми на глобалната агенда“, изјави во својот поздравен говор Клаус Шваб, основач и претседател на Светскиот економски форум. Во Давос ќе се дискутира и за важни регионални теми, како и специјални економски теми.
45-от форум во Давос се одржува во несигурни времиња. Тероризам, регионални конфликти и замрачени конјункутрни изгледи го расипуваат расположението. Тоа го потврдува и годишната анкета „Global CEO Survey“, чии резултати беа објавени на почетокот на собирот во Давос од страна на Консултантското друштво ПвЦ.
Лошо распложение
Според резултатите од истражувањето, 1300 анкетирани шефови на претпријатија од 77 земји одамна не биле толку големи песимисти како сега. Во светски просек, само околу една третина од испитаниците (37 проценти) сметаат дека светската економија годинава ќе живне. Бројот на менаџери кои очекуваат влошување на светската конјунктура е речиси двојно зголемен - на 20%. Особено е лошо расположението во Европа, каде само 16% од испитаниците веруваат во заживување на економијата. Значително поуверени во такво нешто се шефовите на фирми во Азија (45%).
Шефот на Светскиот економски форум Шваб се надева дека собирот, со оглед на големата несигурност, ќе придонесе за создавање доверба. „Ние овде не сакаме само да дефинираме теми. Со помош на вашиот колективен разум сакаме да придонесеме за создавање решенија“, рече Шваб на отворањето.
Форумот годинава е под мото „Нова глобална поврзаност“. Со тоа организаторите ја продолжуваат традицијата на избирање мото под кое може да се разговара за речиси секоја тема. Насилниот исламизам, падот на цената на нафтата, конфликтот меѓу Русија и Украина, можното повторно разгорување на еврокризата, промените на климата, како и борбата против сиромаштијата се дел од најгорливите теми.
Куќи од картон
Неколку дена по нападите во Париз, за безбедноста на учесниците на форумот во Давос, меѓу кои и повеќе од 40 шефови на држави или партии, се грижат илјадници војници и полицајци. Хилде Шваб, сопруга на шефот на Светскиот економски форум и претседателка на фондацијата „Шваб“, на почетокот на собирот на тројца уметници им ги врачи трите т.н. Кристал-награди. Наградени беа италијанскиот тенор Андреа Бочели, бенинско-француската музичарка Анжелик Киџо и јапонскиот архитект Шигеру Бан.
Архитектите често работат за богатите и моќни личности, рече Бан, додавајќи: „Тие не‘ ангажираат за да ја направат видлива својата моќ и пари преку монументална архитектура. Мислам дека нашето искуство треба да го искористиме и за работа за општото добро и за оние кои ги загубиле куќите во природни катастрофи.“
Шигеру Бан е познат пред се‘ по своите конструкции од картонски цевки. Неговата невладина организација Voluntary Architects' Network во рамки на помошта во случај на катастрофи гради, меѓу другото, куќи, мостови и училишта за чија конструкција е употребен картон.