1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија најавува контрапредлог до Скопје

ДТЗ
15 април 2022

Македонските предлози за бугарската страна се неприфатливи. Од бугарското МНР велат дека „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог.“

Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Македонските предлози за бугарската страна се неприфатливи. Само еден ден откако шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, обелодени дека има документ како основа за договор со Бугарија, но се чека согласност и од тамошната Влада, бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека не потпишал никаков документ за Северна Македонија. Од бугарското МНР најавија дека Софија ќе испрати контрапредлог со цел приближување на ставовите.

„За време на состанокот во февруари, Бугарија ја информираше РС Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“, наведуваат од бугарското МНР во изјава за БГНЕС. 

Активен дијалог

Тие додаваат дека постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и РС Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на МНР се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна. Од бугарското МНР потенцираат дека „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите“.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи во четвртокот (14.04) информираше дека има документ како основа за  договор со Бугарија, кој е прифатлив за македонската страна, но сѐ уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија. Детали за тој документ засега не се споделуваат ниту со пратениците ниту со граѓаните.

Бујар ОсманиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

„Има еден таков документ којшто сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сѐ додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани предусловите за да можам да ги информирам пратениците и јавноста. Тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“, изјави Османи. Тој оцени дека има напредок во размислувањата како да се надмине ова прашање. На дневна основа се одвиваат комуникации меѓу македонскиот и бугарскиот државен врв. 

Европски вредности

Ваквите изјави доаѓаат во пресрет на посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, кои во сабота (16.04) ќе присуствуваат на отворањето на новите простории на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. 

Румен РадевФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

„Секогаш сме се придржувале кон коалицискиот договор и постојната рамковна позиција за Република Северна Македонија. Нема никаков документ којшто сум го потпишал од бугарска страна“, вели Петков.

Тој објаснува дека посетата на Битола е со цел да ја поддржи бугарската заедница во С.Македонија. „Верувам дека и Владата на РС Македонија исто така е свесна колку голем приоритет е тоа за Бугарија и заедно работиме на тоа да го издигнеме приоритетот на овие луѓе во македонското општество“, изјави Петков.

Претходно и бугарскиот претседателРумен Радев порача дека Бугарија очекува Северна Македонија да ги почитува правата на своите граѓани. Тој во телефонски разговор со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер, посочил дека во интерес на стабилноста на Обединета Европа е секоја земја кандидат за членство во ЕУ да ги почитува европските вредности поврзани со правата на своите граѓани. Притоа нагласил дека Бугарија очекува категорични резултати од Република Северна Македонија по ова прашање, пред да даде согласност за почеток на преговорите со Унијата.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми