Петмина американски војници загинаа во Авганистан
4 мај 2013Во експлозија на бомба во јужниот дел на Авганистан загинале петмина припадници на војската на САД, соопшти денеска и портпарол на американските вооружени сили.
Информацијата ја потврди и капетанот Лука Карниел од командата на ИСАФ, меѓутоа не ја наведе точната локација на која настрадале војниците. Претходно Џавед Фајсал, портпарол на гувернерот на провинцијата Кандахар, изјави дека патролата на силите на ИСАФ налетала на бомба поставена на пат во областа Маиванд, која важи за упориште на Талибанците.
Со најновите жртви, бројот на загинати странски војници во Авганистан последнава недела се искачи на осум. На почетокот на неделава, при експлозија на бомба поставена крај пат во јужната авганистанска провинција Халманд, беа убиени тројца припаници на британските вооружени сили.
Кон крајот на минатата недела талибанците сооопштија дека започнале „пролетна офанзива“, во чии рамки ќе ги засилат нападите врз странските воени цели и врз дипломатските претставништва.
Со последните пет жртви бројот на припадници на ИСАФ кои годинава загинале во Авганистан се искачи на 47. 32 од нив се Американци.