1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Го снема половина град во земјотресот во Хрватска

ДТЗ /ДВ
29 декември 2020

Најмалку седум лица загинаа во разорниот земјотрес којшто го погоди градот Петриња. Македонската влада ќе испрати 100.000 евра помош за Хрватска

Kroatien Erdbeben Schäden in Petrinja
Фотографија: AP Photo/picture alliance

Расте бројот на жртвите по катастрофалниот земјотрес којшто денеска ја погоди Хрватска. Најмалку седум лица загинаа, а десетици се повредени при уривање на згради во силниот земјотрес којшто ја погоди централна Хрватска, оставајќи го градот Петриња во близина на епицентарот без електрична енергија. Спасувачите во темница ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.  Засега нема информации за повредени македонски државјани во земјотресот, а министерствата за надворешни работи на двете земји се во постојана комуникација. 

Расте бројот на жртви

Потресите беа почувствувани се до Виена, додека штетата е концентрирана во и околу Петриња, град на околу 50 километри јужно од главниот град на Хрватска, Загреб. Најмалку седум лица загинаа, меѓу кои 13-годишно девојче во Петриња и 20-годишно момче, неговиот дедо и татко и син од иста куќа во Мајске Полјане кај Глина. Уште едно лице загинало во урнатата црква во местото Жажине. Едно лице се бори за живот. 

-повеќе на темата: Нов силен земјотрес во Хрватска, загина дете

„Дел од куќата падна врз неа, пробував да ја оживеам повеќе од 40 минути. Немаше брза помош. По 40 минути пристигна возило. Ја познавав. Девојчето наполни 13 години пред пет дена“, изјави сведокот за хрватски „24сата“ по веста дека 13-годишно девојче е меѓу загинатите во земјотресот.
Скај Њуз објави видео од спасување на момче кое било затрупано во автомобил заедно со неговиот татко. Момчето и неговиот татко биле извлечени живи од автомобилот. Телевизијата Н1 вршеше пренос во живо од епицентарот на денешниот силен земјотрес,  но во моментот кога го вклучија репортерот, пожарникарите извадија мртво дете од една од срушените куќи. Се слуша страшен вресок, по што телевизијата го прекина преносот.

Го снема половина град

„Како да е Хирошима, го снема половина град“, рече градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ.  „Градот Петриња минува низ пекол по овој земјотрес што не можевме да го видиме во ниту еден филм. Сè што искусивме пред се како град, имам чувство дека душата и центарот се уништени од градот и можам сето тоа да го кажам со само една реченица: Граде, зошто минуваш низ ова?“- изјави Думбовиќ за Н1.

Градот Петриња минува низ пекол по земјотресотФотографија: Luka Stanzl/PIXSELL/picture alliance

По главниот потрес околу 12.20 часот, во следните десетина минути во Петриња имаше уште четири помали потреси. Улиците во Петриња се покриени со урнатини, а оштетени се голем број објекти. Додека спасувачките екипи ги расчистуваат урнатините, некои постари жители се собраа во парк во центарот на Петриња, завиткани во ќебиња, плашејќи се да се вратат дома.

-повеќе на темата: Три земјотреси во Хрватска

„Сите плочки во бањата се скршени, сите садови попаѓаа“, вели Марица Павловиќ, 72-годишна пензионерка, која порано работела во фабрика за месо, опишувајќи ја штетата којашто ја предизвикале земјотресите во нејзиниот дом. „Дури и да сакаме, не можеме да се вратиме, нема електрична енергија“, додава таа.
Претходно хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ рече дека ќе бидат донесени контејнери за сместување за оние чии домови остануваат ризични, додека воените касарни исто така можат да примат лица на кои им е потребен покрив над глава.  „Не е безбедно да се биде овде, тоа е јасно како ден сега“, рече Пленковиќ, додека беше во обиколка на разурнатиот град, во којшто живеат околу 20.000 луѓе.

Се урна и градинка

Додека официјалните лица го проценуваа размерот на уништување, градоначалникот  Думбовиќ рече дека меѓу зградите што се урнаа од силниот земјотрес, има и градинка - која за среќа била празна. Локалната болница исто така остана без греење и електрична енергија, каде што мобилните телефони се користат за осветлување.
„Градот е всушност огромна руина. Ние спасуваме луѓе, спасуваме животи. Имаме мртви луѓе, имаме исчезнати, повредени луѓе... ова е катастрофа", изјави Думбовиќ за националното радио.

„Се молев да заврши што побргу“   

Денешниот земјотрес се случува само еден ден откако имаше помал земјотрес во истата околина, предизвикувајќи штети на зградите.
Јосип Хорват, 44-годишен уметник, изјави дека го поправал оџакот на еден пријател кој бил оштетен претходниот ден, кога почувствувал нов земјотрес. „Го зграбив олукот и само се молев на Бога да заврши што е можно побрзо“, изјави тој за АФП, изразувајќи жалење за „катастрофата“ во центарот на градот.

-повеќе на темата: Силен земјотрес го потресе Загреб

Земјотресот го погоди и главниот град Загреб, каде жителите во паника се собраа на улиците, каде како последица на потресот паѓаа делови од покривите. Потресите одекнаа низ соседните земји, вклучително и Србија и Словенија, кои се одлучија од претпазливост да ја сопрат работата на нуклеарната електрана Кршко.
Лидерите на Европската унија изјавија дека внимателно го следат „разорниот земјотрес“ и дека се подготвени да испратат помош. Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет, порача: „Нашите мисли се со повредените и со оние коишто се на првата линија“. 

Во март, центарот на градот Загреб беше оштетен од земјотрес со јачина од 5,3 степениФотографија: Reuters/A. Bronic


Во март, центарот на градот Загреб беше оштетен од земјотрес со јачина од 5,3 степени, најмоќниот што го погоди главниот град на Хрватска во последните неколку децении. Балканскиот регион лежи на линијата меѓу две големи тектонски плочи- африканската и евроазиската- и земјотресите се чести.

Помош од соседите

Македонската влада на денешната седница донесе одлука за финансиска помош од 6 милиони денари за Хрватска, по силниот земјотрес во Петриња. „Солидарноста е првиот порив во овие моменти и ќе пружиме помош согласно потребите“, објави премиерот Зоран Заев на официјалниот Фејсбук профил.
Тој во пораката упати поддршка до премиерот Андреј Пленковиќ и до сите хрватски граѓани погодени од земјотресот. Исто така, во име на сите граѓани на Македонија изрази сочувство за жртвите. Сочувство до семејствата и поддршка до државниот врв на Хрватска, испрати и претседателот Стево Пендаровски. 

Македонската влада на денешната седница донесе одлука за финансиска помош од 6 милиони денари за Хрватска, по силниот земјотрес во ПетрињаФотографија: Luka Stanzl/PIXSELL/picture alliance

Најава за помош за Хрватска пристигна и од претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој изрази жалење за трагичните настани. ,,Се надевам дека помина со минимум жртви, посакувам Хрватска брзо да закрепне, ако можеме нешто да помогнеме како Србија, ние ќе го направиме тоа. Навистина им посакувам се најдобро, сакам да им дадам секаков вид техничка и финансиска поддршка“, рече тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми