1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петтемина јавачи кон титулата

Златко Калински29 април 2014

Македонското првенство во моментов е единствено на фудбалските простори. Има уште три кола до крајот, а дури пет екипи се во трката за шампионската титула. Сличен пример во Европа во моментов нема.

Фотографија: Fotolia/somkanokwan

Исклучително интересна е македонската фудбалска пролет. На раскошниот европски простор нема сличен пример, толку малку натпревари до крајот, со толку многу со шанса за титулата. Работнички 56 бода, Хоризонт 54, Металург 53, Вардар 52, Пелистер 51.. е редоследот! Сите се сместени само во пет бода разлика, а првенственото финале ќе е полигон на многу меѓусебни пресметки. Така, до крајот сите ќе го имаат правото за шампионските сништа.

Работнички е предводникот

На првенствената нишалка по секоја одиграна рунда се менуваат позициите. Работнички е највисоко во моментов откако го надигра Пелистер во Битола со 2:1. Скопските „романтичари“ брзо ја научија лекцијата по поразот од Металург во претходното коло. Тренерот на Работнички Игор Ангеловски вели дека можеше да се наѕре ваквиот првенствен заплет:

„Ова е добро за фудбалот во Македонија, да почне да се враќа публиката на стадионите, да се подигне квалитетот на првенството. Сведоци сме на најнеизвесното првенство во Европа. Значајна беше нашата победата во Битола, за мене е многу поважно, што психолошки брзо го надминавме неуспехот против Металург. Но, веќе в недела следи големото дерби против Вардар. Можеби тоа за нас ќе биде првенствениот клуч.“

Хоризонт се испречи пред Металург

Хоризонт, на половината од првенството мораше да се лиши од најдобриот свој играч и стрелец Дејан Блажевски, но успеа да го задржи високиот натпреварувачки стандард. По примерот на Работнички. кога беше најпотребно се издигна Хоризонт нанесувајќи му пораз на Металург на „Железарница“ во Скопје со 2:1. Победа за голема самодоверба, бидејќи искушенијата допрва следат. Пелистер дома, Вардар на гости, Работнички дома ...е најтешкото можно завршно сценарио за Турновци! Гоце Седлоски, големото македонско фудбалско име ,кое од скоро влезе во тренерските води свесен е за мисијата пред себе:

Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Верувам во можностите на тимот. Знам што не чека, но во моментов сме фокусирани само на претстојниот натпревар против Пелистер. Фаворити за титулата...кој може сега да каже кога редоследот од коло на коло постојано се менува.Во секој случај, многу интересно првенство“

Металург никогаш во клупската историја не бил првак на Македонија. Напротив, можеби е најголемиот „губитник“ со три втори места во последните три години! По серијата победи над Пелистер, Вардар и Работнички според фудбалските аналитичари„металурзите“ не го искористија првиот свој „шампионски бал“ дома против Хоризонт! Бидејќи во преостанатите рунди имаат противници од долниот првенствен дом. Срѓан Захариевски, тренерот на Металург свесен е за пропуштеното:

„Ако, до саботното коло се зависеше од нас, сега не е веќе така. Се свртеа работите и ќе мораме да чекаме кикс на некој од конкурентите. Ова е борба на пет рамноправни, слични по квалитет екипи. Кој и да биде шампион, на крајот нема да биде незаслужено. Поразот против Хоризонт нема да не поколеба, во мечевите со Брегалница, Шкендија и Македонија ЃП ќе се обидеме да освоиме максимален број на бодови.“

Вардар и Пелистер меѓу желбите и можностите

Вардар и Пелистер, највлијателните имиња низ историјата на македонскиот фудбал го заокружуваат квинтетот на тимови со највисоки амбиции. Вардар ја брани титулата минувајќи низ бурна сезона со многу кадровски и натпреварувачки турбуленции. Постојаноста на формата е еден од големите проблеми на тренерот Сергеј Андреев. Неделното дерби против Работнички ќе ја крои судбината на Вардар. Пелистер е позитивното изненадување. Екипата соочена со големи финансиски проблеми, со одлив на повеќемина клучни фудбалери во текот на сезоната и натаму високо лета. Последните два порази во Битола против Металург и Работнички драстично му ги намалија шансите за титулата, но планот „Б“ на Битолчани е излез во Европа.

Чии шанси за титулата се најголеми? Тренерите на водечките екипи го одбегнуваат одговорот! Со право, ова е „најлудото“ македонско фудбалско првенство досега.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми