1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет години од славната изјава на Меркел: Успеавме ли?

Петер Хиле
31 август 2020

„Ќе успееме!“, рече Ангела Меркел пред пет години и ги отвори вратите за стотици илјади бегалци во Германија. Дали германското општество успеа? Како минува интеграцијата? Еве што велат бројките

Deutschland Flüchtling macht Selfie mit Merkel in Berlin-Spandau
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Од каде доаѓаат овие луѓе? Дали се образовани? Ќе најдат ли работа или стан? Овие, но и многу други прашања, беа предмет на дискусија во Германија во текот на 2015 година кога во земјата влегоа над еден милион бегалци.
И денес, пет години по славната изјава на германската канцеларка: „Ќе успееме“ („Wir schaffen das“), се водат дебати преполни со емоции. Но, денес веќе постојат бројки и факти кои можат да ги поддржат аргументите. 


Бројот на оние кои поднесуваат барање за азил во Германија од 2015 година наваму значително опадна. Тогаш околу еден милион луѓе поднесоа такво барање. Мнозинството дојдоа од Сирија, Авганистан и Ирак. Од земји во кои војната и теророт претставуваат секојдневна опасност. 

Подносители на азил во Германија според земја на потекло од 2010 до 2019

Не сите кои поднесоа барање добија и право на азил. Во време на бегалската криза во 2015 бројката на позитивни одлуки за добивање азил беше особено висока. Притоа, бројни бегалци доаѓаа од воени подрачја, како Сирија. 

Исход од поднесени барања за азил

Потребни ли и се на Германија бегалци за да се намали недостатокот на работна сила? Или, претставуваат ли дојденците преголем товар за социјалниот систем? И по тоа прашање германската јавност е поделена.
Додека Алтернативата за Германија (АфД) прифаќањето на бегалците, меѓудругото, го одбиваше и поради големите трошоци, другите партии застапени во Бундестагот, како и здруженијата на работодавачи, тврдеа дека нивното доаѓање е многу важно за пазарот на трудот.
Денес стана јасно дека на повеќето од тие луѓе кои бараа азил во Германија најпрво им беше потребно стручно образование за да добијат работа. И во зависноста од земјата на потекло, се разликува и нивото на образование. 

Степен на образование на барателите на азил

Недостатокот на стручно образование и непознавањето на германскиот јазик се причините што бројни бегалци не можеа да се вклучат на пазарот на трудот. Во меѓувреме, две од три лица од земји надвор од ЕУ кои живеат во Германија и се наоѓаат во старосна возраст во која можат да најдат работа. Нивното учество на пазарот на трудот се уште е пониско отколку пред 2015. Тоа значи дека на планот на интеграцијата на бегалците мора уште многу да се работи.

Поголем е успехот кога е во прашање сместувањето. Многу бегалци кои во 2016 беа сместени во прифатни центри во меѓувреме успеаја да најдат свои станови. И сеедно дали се работи за вработување, сместување или стапка на криминал, Германија и пет одини по славната изјава на канцеларката е поделена по прашањето на бегалците. Бројот на оние кои се против приемот на бегалци порасна во последните години. 

Дали бегалската криза е завршена?

02:03

This browser does not support the video element.

Денес само 11 отсто од Германците се за тоа во земјата да се примат уште повеќе бегалци одошто порано. Растот на таа скепса станува јасен и кога меѓу граѓаните се спроведува анкета за поддршка на бегалската политика на Ангела Меркел. Тесно мнозинство ја отфрла. И бројни граѓани кои тогаш го сметаа за исправно „Ќе успееме“, денес повеќе не се уверени во тоа. 

Какво е вашето мислење за бегалската политика на Меркел?

И додека бројни статистички показатели сведочат за позитивниот биланс, довербата во „Ќе успееме“ на Ангела Меркел пет години по бегалската криза се намалува. Тоа е мешаниот биланс на бегалската политика на канцеларката.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми