Обележувањето на Денот на Европа и на победата над фашизмот во Македонија веќе неколку години се поклопува и со болните спомени на смртоносните борби во кумановската населба.
Реклама
Смртоносните борби во Куманово ја доведоа тогашната македонска политичка криза до зовривање. Опасноста- судирите во Куманово да испровоцираат меѓуетнички конфликт беше надмината благодарение на смиреноста на граѓаните. Оттогаш наваму, меѓутоа, Денот на Европа и на победата над фашизмот, го носи и сеќавањето на изгубените животи во дводневните престрелки во кумановското „Диво насеље“. Пет години потоа со фотогалерија потсетуваме на тие тажни случувања:
Тажно сеќавање на Диво насеље
Смртоносните борби во Куманово ја доведоа политичката криза во Македонија до точка на вриење. Опасноста- судирите во Куманово да испровоцираат меѓуетнички конфликт беше надмината благодарение на смиреноста на граѓаните
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Како по војна
Ден по крвавите судири во кумановската населба Диво насеље, жителите најдоа разурнати домови. Многу објекти беа оштетени, а првично, речиси илјада граѓани беа привремено евакуирани. Животот денес, две години по крвавите настани, е вратен во нормала.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Крвав биланс
Осум полицајци- припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка. Десетици беа приведени од полицијата. Владата објави дводневна жалост.
Судирите започнаа во саботата наутро на 9 мај, откако полицијата наводно се обидела да изврши рација во населбата. Врз полицајците бил отворен оган од автоматско оружје и од ракетни фрлачи. Полицијата тврдеше дека напаѓачите имале свои поддржувачи во градот.
Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj
Меѓуетнички превирања
Иако во судирите многумина препознаа обид да се разгорат етничките страсти и да се предизвика конфликт меѓу двете најголеми заедници во земјата, граѓаните се спротивставија на ваквото сценарио. Сведоци на тоа време останаа изјавите на бројни кумановски граѓани кои прегрнати говореа во прилог на соживотот.
Фотографија: picture alliance/PIXSELL
Политичка криза
Судирите се случија неполни четири месеци откако лидерот на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на ткн. бомби- снимки од прислушкувани разговори чиј автор, наводно, била тајната полиција.
Фотографија: picture alliance/epa/N. Batev
Што се криеше зад насилството?
На ова прашање нема прецизен одговор до денес. Опозицијата обвинуваше дека нападот бил обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ и од масовните протести во Скопје. Владата ги обвини „терористите“ од соседно Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата. Меѓународните претставници во повеќе наврати бараа од владата независна истрага- барање што беше постојано одбивано.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski
Оставките на Мијалков и Јанкулоска
Само два дена по крвавата пресметка тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков поднесоа оставки на функциите. Со нив замина и министерот за транспорт Миле Јанакиески. Сите тројца важеа за дел од најблискиот круг соработници на тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Шпекулациите за причините за нивните оставки кружат до денес.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Седум доживотни казни затвор
Во ноември 2017 година вкупно 33 лица обвинети за крвавите настани во Куманово во мај 2015 година добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина обвинети во случајот Дива населба се осудени на доживотна затворска казна. Скопскиот Кривичен суд на уште 13 обвинети им пресуди вкупно 40 години затвор.