Пет илјади жртви од почетокот на протестите во Сирија
13 декември 2011Нави Пилај пред Советот за безбедност зборуваше за ужас и насилство. Високиот комесар за човекови права на ОН рече дека се проценува оти во бруталните акции на сириските безбедносни сили против опозицијата, животот го загубиле околу пет илјади лица, од кои повеќе од 300 се деца. „Огромен број“ Сиријци се интернирани во логори, соопшти Пилај, наведувајќи дека тие таму се измачувани и силувани. Таа оцени дека врз основа на информациите со кои располага, во Сирија се сторени злосторства против човештвото. Затоа, Пилај на Советот за безбедност му препорача да го вклучи Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг.
Претходно, Високиот комесар на ОН имаше разговор со германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Шефот на германската дипломатија по разговорот со Пилај изјави дека „описот на состојбата во Сирија е депримирачки“. Вестервеле, наведувајќи дека е длабоко потресен, апелираше до земјите во Советот за безбедност кои „се‘ уште се колебаат, сега да дејствуваат, со оглед на порастот на бруталноста и репресиите“.
Во октомври годинава Советот за безбедност не донесе резолуција против Сирија, поради ветото на Русија и Кина. Германскиот амбасадор во ОН Петер Витих вчера изјави дека е „неподносливо што Советот за безбедност е осуден на молчење“. Францускиот амбасадор Жерар Арод зборуваше за скандал и нагласи дека Советот има морална обврска да се заложи за крај на насилството. Неговиот британски колега Марк Лајал Грант подвлече дека извештајот на Пилај за Сирија бил „најужасното нешто што Советот за безбедност го слушнал во изминатите две години“. Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин, пак, ја предупреди сириската опозиција да не ги провоцира властите, зашто во спротивно неколкукратно ќе се зголеми бројот на жртвите. Москва е длабоко загрижена поради развојот на ситуацијата во арапската земја и повеќепати побара од Дамаск запирање на насилството.
Автор: ЕМФ/ дпа/ дапд
Редактор: Александра Трајковска