Изборот не беше убедлив. Анегрет Крамп-Каренбауер победи со 51,7 насто гласови во трката за нова претседателка на владејачката германска партија ЦДУ. Коментаторите во печатот критички гледаат на резултатот.
Реклама
На Конгресот на Христијанско-демократската унија во Хамбург имаше преку 1600 новинари од Германија и од светот. Но реакциите на медиумите на победата на Анегрет Крамп-Каренбауер не се само пофалби за оваа политичарка.
„Килер Нахрихтен“
„Тесниот исход покажува колку малку доверба има партијата во способноста на Крамп-Каренбауер да ги смири сите фракции во ЦДУ и да го поврати загубеното на изборите. Како канцеларка би требало да ја обедини Германија, ништо помалку од тоа. Но, што нуди таа? Со што точно сака да му се спротистави на подемот на партијата Алтернатива за Германија-АфД? Тоа за жал во Хамбург остана отворено. Кога Германците по овој партиски конгрес би се запрашале, кој да биде во канцеларската канцеларија Шпан, Мерц или Крамп-Каренбауер, тие веројатно би се одлучиле за Роберт Хабек (еден од лидерите на партијата на Зелените)“.
„Пресе“ од Виена
„На крајот Мерц тесно загуби. Но, партијата гласаше за продолжение на меркелизмот, за политички центар со нијанса на зелено. АфД ќе се радува. Впечатлив успех постигна и третиот кадидат, министерот за здравство Јенс Шпан кој во првиот круг доби 15 насто гласови. Тој го одржа можеби и најдобриот говор (...) Поранешната претседателка на владата во покраината Заарланд во нејзиниот емоционален говор дојде до границата на своите реторички способности, Мерц остана под тоа. Тоа беше одлучувачко. Начинот и постапката како ЦДУ го избира своите нови челници беа импресивни. Во чесен натпревар на високо ниво тројцата угледни личности се бореа за симпатиите на делегатите (...) Затоа и пред пребројувањето на гласовите веќе постоеше еден победник: ЦДУ. Таа ја искористи мобилизацијата на своите членови, а забележа и раст на популарноста во испитувањата на јавното мислење.“
„'Да се постигне обединување. И заеднички да се води' беше паролата на овој партиски конгрес во Хамбург. Со оглед на исходот на изборите, едвај некогаш и да имало посоодветна парола. Бидејќи, токму тоа е првата задача за Анегрет Крамп-Каренбауер: мора да обедини една партија низ која поминуваат многу пукнатини. И тогаш уште мора да се покаже, како ќе функционира двојното лидерство Меркел-АКК (Анегрет Крамп-Каренбауер сама се претставува на социјалните мрежи со иницијалот АКК). Ќе донесе ли полет во бледата голема коалиција. Ќе увери ли со реална политика, а не само со убави зборови.
„Хановерше алгемајне цајтунг“
„Вистински крај на периодот на Меркел ќе се случи дури на наредните избори. Дури тогаш ќе се покаже дали наследничката на Меркел на чело на ЦДУ е способна да ги фати конците, дали има одговор на прашањето за кандидатура за канцеларката како и за насоката на партијата. Кој одговор 'АКК' го нуди на десничарскиот популизам? Што вели за големата грижа на многу луѓе поради сѐ поголемиот пробив на роботи и вештачка интелегенција во новиот свет на турдот во кој наскоро речиси ништо нема да биде сигурно? Тука е, повеќе отколку во соочувањето со бегалската политика од 2015 година, вистинскиот предизвик за периодот по Ангела Меркел.“
Кои се можните наследници на Ангела Меркел
Ангела Меркел се повлекува од лидерската позиција во ЦДУ, но ќе остане канцелар - веројатно до следните сојузни избори во 2021 година. ДВ истражуваше кои се нејзините можни наследници на партиското кормило.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen
Анегрет Крамп-Каренбауер, ЦДУ
Крамп-Каренбауер, позната и како АКК, беше избор на Меркел за генерален секретар на ЦДУ во 2018. Наводно таа е изборот на Меркел за иден партиски лидер. АКК ја предводеше коалицијата на ЦДУ и социјалдемократите во покраината пред да стане генерален секретар. Се смета за умерена политичарка која би ги продолжила центристичките политики на Меркел.
Фотографија: Reuters/H. Hanschke
Јенс Шпан, ЦДУ
Овој 38-годишен политичар е најмладиот и најистрајниот критичар на Меркел. Влезе во Бундестагот во 2002 година и стана министер за здравство во 2018. Шпан, кој не ја крие својата хомосексуалност, е популарен во конзервативното крило на ЦДУ. Тој е против двојното државјанство за младите странци, ги критикува обидите за релаксирање на законите за абортус и јавно повика на забрана на бурката.
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach
Фридрих Мерц, ЦДУ
Поранешниот лидер на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот се повлече од мејнстрим политиката откако го напушти Бундестагот во 2009. Но, овој 62-годишник ја најави намерата да ја наследи Меркел само неколку часа по веста дека таа се повлекува. Мерц наводно имал судир со Меркел откако таа го замени како шеф на пратеничката група во 2002 година. Од 2016 е на чело на корпорацијата Блекрок.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Армин Лашет, ЦДУ
Лашет стана премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија во 2017. Неговата победа означи и голем пораз за социјалдемократите во една од најбогатите германски покраини. Католикот и поранешен новинар, 57, од критичарите често е прогласуван за „премногу фин за политика“. Тој е еден од водечките функционери во ЦДУ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg
Јулија Клекнер, ЦДУ
Клекнер стана министерка за земјоделство во 2018, ја предводи ЦДУ во покраината Рајнланд Пфалц од 2011. Во 1995 година, пред да влезе во политиката, беше прогласена за германска „Винска убавица“. Како и Шпан, и таа му припаѓа на конзервативното крило на ЦДУ. Во 2016 предизвика изненадување кога предложи алтернативен план на бегалската политика на Меркел.
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach
Петер Алтмајер, ЦДУ
Алтмајер, познат и како „телохранителот на Меркел“, ја поддржува политиката на канцеларката на сите фронтови. Потекнува од Сар, а во Бундестагот влегува во 1994 година, откако претходно работи во ЕУ. Поранешниот министер за животна средина, сега раководи со економијата, и се смета за мајстор на задкулисната дипломатија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert
Урсула фон дер Лајен, ЦДУ
Фон Дер Лајен стана министерка за одбрана во 2013 откако претходно раководеше со ресорот труд. И покрај нејзините реформски напори, инвестициите во одбраната и натаму се многу мали, а армијата и натаму страда од недостатоци во многу сфери. Фон Дер Лајен, која студирала во САД и Велика Британија, поддржува засилена германска улога во странство и подобрување на врските со армиите на земјите од ЕУ.
Буфие е премиер на покраината Хесен од 2010 година. Претходно беше и министер за внатрешни работи и на двапати ја доби „наградата“ Големиот Брат од активистите за заштита на личните податоци, поради мерките за следење на полицијата. Освен што е премиер во Хесен, тој е и во врвот на раководството на ЦДУ.