1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Печат: Ципрас ја отвори Пандорината кутија

БГ
5 февруари 2018

Неделните протести во Атина наидоа на голем одзив во германските медиуми. За зголемените даноци и намалените пензии на улиците излегуваа едвај неколку илјади луѓе, но кога е национализмот во прашање, масовноста е голема.

Griechenland Protest in Athen | Namensstreit "Mazedonien" AUFGEHELLT
Фотографија: Reuters/C. Baltas

„Време е за решенија“, оптимистички најавува во коментарот весникот Тагесцајтунг. Авторот на коментарот смета дека условите се добри за конечно решение на спорот.

„Со минување на време проблемот нема да се реши. Во Атина се свесни за тоа. Веројатно и во Скопје расте свеста дека јужниот сосед, и покрај патриотскиот патос кој одвреме-навреме го емитува, нема територијални претензии. Притоа, сите грчки влади во последните 20 години прифаќаа дека името Македонија ќе биде дел од решението. Во замена бараат уставни и безбедносни гаранции кои ќе ги спречат идните соништа за Голема Македонија до Егејот.

Поранешниот македонски премиер Груевски не беше подготвен да даде такви гаранции. Неговиот социјалистички наследник Зоран Заев, размислува поинаку и добро се разбира со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Но одеднаш повторно се јави улицата во Грција. Стотици илјади демонстрираат. Како времето да се врати назад за 26 години. Но сепак многу нешта се поинакви:

Денес големите партии не се категорично против компромис, државната телевизија не промовира патриотска идеологија, а моќната православна црква делува поделена по однос на македонското прашање. Сѐ на се: доаѓа времето за решение“, заклучува Тагесцајтунг.

Повеќе на темата: 

Пред протестите за името: Грците заробени во славното минато

Македонска салата во Грција

Големо внимание во германските медиуми за протестите во АтинаФотографија: deutschlandfunk.de

„Флексибилно цинично“ е насловот на коментарот во Франкфуртер алгемајне цајтунг, во кој освен состојбата во Грција, се анализира и однесувањето на Русија во спорот за името.

„Спорот за името меѓу Грција и Македонија е повеќе од само фарса меѓу две држави. Тој може да има последици за стабилноста на целиот регион на Југоисточна Европа. Затоа што Атина не дозволува Македонија да се вика исто како и нејзината истоимена провинција, со години го блокира приближувањето на нејзиниот северен сосед кон ЕУ и НАТО. Тоа со години ја насочуваше Македонија кон авторитарно-националистички курс кој речиси ја растргна земјата, а последиците за околните држави ќе беа непроценливи. Новото придвижување во спорот за името е овозможено благодарение на демократските промени во Македонија. Но тоа ќе биде доведено во опасност доколку Атина под притисок на националистичките демонстрации повторно стане тврдоглава. Надвор од Македонија тоа ќе израдува уште некого: Кремљ, кој сака да го спречи зачленувањето на Македонија во НАТО. Во однос на ова прашање Москва се покажува флексибилно цинична како и секогаш. Досега имаше големо разбирање за македонските националисти, а министерот Лавров сега ги советува Грците да не прифаќаат компромис“, пишува ФАЦ.

Во анализата која ФАЦ дополнително ѝ ја посветува на состојбата во Грција, се наведува дека барањето на грчките националисти зборот Македонија да не се содржи во името на соседната земја „звучи апсурдно и е апсурдно, но во истовреме тоа претставува политичка реалност која не може да се игнорира“.

Во однос на критиката кон Русија содржана во коментарот, ФАЦ ги наведува изјавите на шефот на дипломатијата Сергеј Лавров од изминатиот период, но и начинот на кој известуваат руските медиуми.
Државно контролирана новинска агенција Риа со недели редовно и со големи симпатии известува како 'гласот на народот' се спротивставува на сопствената влада. Можно е гласот на народот кој има поддршка од Кремљ да победи“, пишува ФАЦ.

Против зголемувањето на даноците, намалувањето на пензиите и приватизациите не излегуваа ни по 5.000 луѓе на улиците. Но, Македонија ги разбранува Грците.Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Ноје Цирхер Цајтунг пишува за протестите во Атина во текст под наслов „Против 'кражбата на Македонија'“.
„Со напорите да му стави крај на 26 годишниот спор околу името, се чини дека премиерот Алексис Ципрас ја отвори Пандорината кутија. Најголемата опозициска партија, Нова демократија, е поделена во однос на македонското прашање. Неговиот помал десно-националистички коалициски партнер Анел го доведе Ципрас во невозможна позиција. А гласачите му ја откажуваат поддршката. Против зголемувањето на даноците, намалувањето на пензиите и приватизациите не излегуваа ни по 5.000 луѓе на улиците. Но, Македонија ги разбранува Грците.

'Луѓето сакаат нешто на што конечно ќе бидат горди. Националните теми, притоа, се најлесните околу кои може да се постигне единство', вели Христомос Тасис, политиколог на Универзитетот Комотини. Тој детектира една нова поделба во земјата: од една страна политичките и економските елити кои се залагаат за реализам и посакуваат компромис со Македонија, а од другата страна народот, кој вели 'не'“, пишува НЦЦ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми