Писториус ќе се брани од слобода
22 февруари 2013Јужноафриканскиот спортист Оскар Писториус ќе биде пуштен на слобода со кауција. Судот во Преторија го одобри барањето на одбраната на Писториус тој да се брани од слобода. Не постои опасност од бегство, изјави судијата Дезмонд Најр по повеќечасовното сослушување. Освен тоа, Писториус, според мислењето на судот, не претставува опасност за општеството.
Висината на кауцијата изнесува околу 85.000 евра во готово или гаранции. По пуштањето на слобода, Писториус мора да и‘ го предаде на полицијата целото свое оружје, а освен тоа има и забрана за пиење алкохол.
Судијата Најр денеска потенцираше дека ваквата одлука за бранење од слобода не значи и пресуда за вината или невиноста на Писториус во случајот со убиството на неговата девојка.
Писториус, кој стана светска ѕвезда со своите спектакуларни спринтови на ножни протези, ја застрела својата девојка Рива Стинкамп на 14 февруари, во својата куќа. Шесткратниот параолимписки победник тврди дека станува збор за трагична грешка и дека тој сметал оти во куќата влегол провалник и затоа пукал во паника. Рива Стинкамп беше погодена со четири куршуми.