Бутиџиџ - прв јавно деклариран хомосексуален министер во САД
ЖА / агенции
16 декември 2020
Од конкурент до член на владата на Џо Бајден - Пит Бутиџиџ, порано и самиот аспирант во борбата за Белата куќа, веројатно ќе преземе не толку престижен, но важен ресор.
Реклама
Бутиџиџ се смета за надоаѓачка ѕвезда и талент во Демократската партија. Во кабинетот на Бајден веројатно ќе води не толку престижен, но важен ресор. Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден планира на 38-годишниот Пит Бутиџиџ да му го довери водењето на Министерството за сообраќај. Пит Бутиџиџ, исто како и Камала Харис, беше конкурент на Бајден во предизборите од редовите на Демократската партија, а по излегувањето од трката му даде поддршка на Бајден. Својата номинација ја оцени како „прекрасна можност" за создавање работни места, соочување со климатските предизвици и овозможување поголема праведност за сите.
Без сјај, но министерство од голема важност
Доколку добие поддршка од Сенатот, Бутиџиџ ќе раководи со Министерството за сообраќај, кое нема толкав престиж како другите, но во идниот легислатурен период ќе добие на значење, со оглед на тоа што на инфраструктурата ѝ е неопходна голема инвестициска програма.
Бутиџиџ ја објави својата цел – САД до 2050 година да станат климатски неутрална земја, а неговото министерство притоа има една од клучните улоги. Тоа меѓу другото го регулира воздушниот и копнениот сообраќај, како и јавниот превоз, кои заедно создаваат највисока ставка во САД на емисиите на ЦО2, штетни по климата.
ТВ Си-Ен-Ен најави натамошни личности кои ќе соработуваат за реализирање на оваа цел: поранешната шефица на Службата за екологија ЕПА, Џина Меккарти ќе биде координатор за клима, за министерка за енергетика е предвидена Џенифер Гренхолм, поранешна гувернерка на сојузната држава Мичиген.
Прв министер јавно деклариран како хомосексуалец
Бајден уште претходно најави составување на најразноликиот кабинет на сите времиња. Џенет Јелен е прва жена која би била на чело на Министерствот за финансии, а Лојд Остин прв челник на Пентагон со црна боја на кожата. Пит Бутиџиџ исто така влегува во категоријата „прв... во историјата"- досега во САД немало јавно деклариран хомосексуален министер.
Од таа причина Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч номинацијата на Бутиџиџ ја нарече историска. Во кабинетот на Трамп исто така имаше еден јавно деклариран хомосексуалец – поранешниот амбасадор на САД во Германија, Ричард Гренел, , но за функцијата која ја извршуваше неколку месеци – директор на тајните служби, не беше потребна потврда од Сенатот.
Кои се избраниците за новиот кабинет на Џо Бајден?
Избраниот претседател на САД Џо Бајден почна да го екипира својот кабинет подготвувајќи се за влез во Белата куќа. Многумина од неговите кандидати беа во администрацијата на Барак Обама, а изборот го потврдува Сенатот.
Фотографија: Mike Coppola/Getty Images
Ентони Блинкен, министер за надворешни работи
Блинкен е долгогодишен близок соработник на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Тој работел во администрацијата на двајца демократски претседатели и бил истакнат советник во Комисијата за надворешни работи на Сенатот. Извршувал и функција заменик – национален советник за безбедност, како и заменик државен секретар во втората влада на Обама, кога Бајден беше вицепретседател.
Фотографија: Mike Coppola/Getty Images
Џон Кери, специјален претседателски пратеник за клима
Поранешниот министер за надворешни работи ќе биде специјален претставник на Бајден за прашања поврзани со климата. Кери од 1983 до 2013 година беше сенатор во Масачусец, пред да ја преземе највисоката функција во надворешната дипломатија во втората влада на Обама. Кери во името на САД во 2015 година го потпиша Парискиот договор за климата, а две години подоцна Трамп ја повлече земјата од него.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ОН
Линда Томас-Гринфилд од 2013 до 2017 година беше на важни позиции во Министерството за надворешни работи. За време на епидемијата на ебола, таа ја раководеше американската политика во Африка јужно од Сахара. Бајден планира да ѝ ја довери важната функција за Белата куќа, амбасадор во ОН.
Фотографија: DW/S. Broll
Алехандро Мајоркас, министер за внатрешна безбедност
Адвокатот со кубанско потекло за време на претседателот Обама беше заменик-шеф за внатрешна безбедност и раководеше со реализација на програмата ДАЦА, која на т.н. „сонувачи“, како деца илегално донесени во САД, им овозможуваше останување во земјата. Доколку биде потврден неговиот избор, тој би бил прв доселеник и латино кој ќе го води секторот за внатрешна безбедност.
Фотографија: Thilo Rückeis/picture-alliance
Џејк Саливан, советник за национална безбедност
Саливан од 2013 до 2014 беше советник на Џо Бајден за национална безбедност, додека тој беше потпретседател. Тој беше и заменик на Хилари Клинтон на функцијата министер за надворешни работи. Подоцна Саливан беше нејзин највисок советник за надворешнополитички прашања за време на нејзината претседателска кандидатура во 2016 година.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Аврил Хаинс, директор за национално разузнавање
Хаинс беше прва жена заменик директор на ЦИА, во периодот од 2013 до 2015 година. Таа го наследи Ентони Блинкен на позицијата заменик-советник за национална безбедност кога тој во 2015 година замина во Министерството за надворешни работи. Ако се потврди нејзиниот избор, таа ќе биде прва жена која ќе раководи со американските тајни служби.
Бутиџиџ досега нема никакво политичко искуство на сојузно ниво. До пред една година осум години бил градоначалник на Соут Бенд, град со 100.000 жители во Индијана, со прекин на мандатот во 2014 година поради седуммесечниот воен ангажман во Авганистан. Бутиџиџ студирал на реномирани универзитети и покрај англискиот, зборува делумно течно уште седум други јазици: француски, шпански, италијански, малтешки, норвешки, дари и арапски.
Пред преминот во политика бил советник во Меккинси.