1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планови за мини-Југославија?

БГ
14 септември 2017

Идејата за формирање на регионална зона на слободна трговија на Западниот Балкан е тема со која се занимава швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг, споредувајќи ја притоа со „мини-Југославија“.

Infografik Karte 
Infografik Westbalkan und die EU

„Оние кои со автомобил ги минуваат границите на Западниот Балкан, знаат како изгледа кога десетици, понекогаш и стотици камиони стојат на работ на патот и со часови и денови чекаат да ја минат границата. Возачите дремат или играат карти. Колоната на секои половина час се поместува за неколку метри. Тоа чини многу. Според проценките на српската влада, бирократските пречки во регионот на Западниот Балкан предизвикуваат двојно поголеми трошоци во логистиката од оние кои се вообичаени во ЕУ“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

„Тие околности во февруари го поттикнаа тогашниот српски премиер и актуелен претседател Александар Вучиќ да му предложи на австрискиот канцелар Кристијан Керн формирање на царинска унија на Западниот Балкан. Идејата беше позитивно примена. Австрија, заедно со Германија, Франција и Италија го поддржуваат т. н. Берлински процес. Од 2014 година оваа иницијатива се обидува да ја унапреди интеграцијата на Западниот Балкан. Реформската динамика запре бидејќи претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер најави петгодишен мораториум на прием на нови членки во ЕУ. Досегашните резултати на Берлинскиот процес се скромни. Дотолку повеќе, Берлин и Брисел го поздравуваат предлогот од регионот кој е на нивна линија“.

Според НЦЦ, актуелната состојба во регионот не е добра: „Шесте национални пазари на Западниот Балкан се премногу мали и компликувани за да можат да привлечат странски инвеститори. Доколку би се поврзале во заеднички економски простор, тој би имал нешто помалку од 20 милиони жители- и заедничка регулатива“.

„За волја на вистината, земјите на Западниот Балкан се членки на Договорот за слободна трговија- Цефта, но неговото спроведување е фалично. Државите се изолираат со трговски пречки и повремено отвораат мали трговски војни за да ги заштитат своите пазари од конкуренција. Бирократските пречки за слободата на капиталот на пазарот на трудот се големи. Трговскиот волумен со ЕУ изнесува 57,4%, а во рамките на регионот е само 18,5%. Создавањето на царинската унија, според српско видување, би било круна на регионалната економска зона. Благодарение на подобрените сообраќајници, меѓусебно признавање на дипломите, отворање на пазарот на трудот и брз интернет, треба да се стимулира раст кој ќе биде овозможен со извоз“.

„Предлогот на Вучиќ во регионот е примен со скепса“, пишува натаму НЦЦ, со објаснување дека Косово е против затоа што стравува дека нема сите да бидат еднакви во унијата, додека Црна Гора стравува дека тоа би било „евтина алтернатива на ЕУ“. Дополнително, во регионот се стравува какво влијание врз нив би имал договорот за слободна трговија меѓу Русија и Србија. Економистите велат дека тој ќе мора или да се поништи или да го прифатат сите земји.

„Но, не само изјавите од Белград донесоа позитивно расположение во регионот. Комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан со шестмината премиери во албанскиот град Драч договори акциски план за создавање на регионална економска унија. Одеднаш сите беа сложни за натамошните чекори. На Западниот Балкан очигледно не е сеедно дали некоја порака ќе стигне од Белград или од Брисел“, заклучува НЦЦ.

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Тито како симбол

Австрискиот „Стандард“ пишува за одлуката на властите во Загреб, Хрватска да го сменат името на плоштадот Маршал Тито - сега тоа ќе биде Плоштад на Републиката. „Тоа беше желба на една екстремно десничарска партија чиј соосновач е поранешниот хрватски министер за култура Златко Хасанбеговиќ. На Милан Бандиќ, градоначалникот на Загреб, таа нова мала партија му беше потребна за да има мнозинство во градското собрание. За Бандиќ идеологиите и онака никогаш не биле важни- важно му е само да остане на власт“.
„Во Хрватска, дебатата за историската улога на Тито редовно води во ерупција на емоции и жестоки политички судири меѓу неговите симпатизери и противници. За Хасанбеговиќ, Тито не е ништо друго освен тоталитарен лидер под чија команда по Втората светска војна биле вршени злосторства и кој ги кршел човековите права. За неговите симпатизери во земјите на екс Југославија, антифашизмот како персонификација на Тито, е единствена позитивна идеологија која има традиција и со која се идентификува секој кој сака да се дистанцира од доминантниот национализам“, пишува „Стандард“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми