1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kако да се преживее до први?

ДТЗ
9 април 2021

Минималните трошоци за едно семејство во март изнесувале 33.772 денари, што е далеку повеќе од минималната плата во земјата.

Mazedonien Land und Leute neu
Фотографија: Petr Stojanovski

Трошоците за живот и понатаму раснат. На едно четиричлено семејство во Северна Македонија му е сѐ потешко да ги подмири основните трошоци, коишто се далеку поголеми од просечната плата во земјата. На едно семејство му недостигаат најмалку 100 евра секој месец во потрошувачката кошничка. Ова го покажуваат анализите на Сојузот на синдикатите. 

Според нив, за 122 денари се зголемиле основните трошоци на едно четиричлено семејство во март во однос на јануари, а за 70 денари во однос на февруари.  Минималните трошоци на едно четиричлено семејство, според пресметките на ССМ, во март изнесувале 33.772 денари. Најмногу пари се даваат за храна и пијалоци, режиски трошоци и превоз. Пресметките се дека речиси 42 проценти од парите одат за храна и пијалоци, 32 проценти за подмирување на режиските трошоци, 7,4 проценти за превоз, 7,2 проценти за хигиена и 6,2 проценти за облека и обувки. Останатото е за здравствени услуги и за културни активности.

-повеќе на темата: Просечната плата доволна само за храна и сметки

Согласно пресметките на ССМ, минималните трошоци на едно четиричлено семејство не можат да се покријат со просечно исплатената плата во земјата. Во јануари според објавените податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата изнесувала 28.272 денари, додека вредноста на синдикалната кошничка за истиот месец е 33.650 денари, односно минималните трошоци на едно четиричлено семејство биле повисоки за 5.378 денари од просечната плата.

Речиси 42 проценти од парите одат за храна и пијалоциФотографија: DW/K. Delimitov

-повеќе на темата: Нехумани услови за работниците во Македонија

Минималната плата годинава ќе биде над 15.194 денари, најави неодамна министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. 

„За три години имаме пораст на минималната плата за 6.000 денари. Пораката која сакаме да ја испратиме е дека ние навистина се грижиме за работниците и во услови на најтешка пандемија ние ги правиме усогласувањата согласно со закон.

Во текот на целата година, со носењето на сите пакети финансиски мерки, сакавме да ја поддржиме економијата и да го зачуваме секое работно место кое беше основен приоритет“, изјави Шахпаска.

Сојузот на синдикати на Македонија повеќепати бараше зголемување на минималната плата за 60 проценти од просечната плата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми