1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платите растат, но цената на трудот е сѐ уште ниска

Костадин Делимитов
1 декември 2018

Нерамномерната распределба на трудот и капиталот во Македонија е клучниот проблем за лошата социјална слика на работниците. Дури 70% од работниците добиваат плата која не е ни близу просечната.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Платите во Македонија се зголемуваат, но цената на трудот квалитативно не се менува. Просечната плата надмина 24 илјади денари, податок кој сам по себе охрабрува. Но од друга страна, она што депримира е фактот дека сѐ уште многу малку од работниците имаат „привилегија“ истата да ја добиваат. И тоа главно оние кои работат во државната администрација и делумно во приватниот сектор. Но не и во стопанството, каде платите и натаму се далеку од статистичкиот просек. Или во превод, дури 70% од работниците во Македонија на крајот од месецот на трансакциската сметка добиваат сума која не е ниту приближна со онаа што значи просек на ниво на држава. Ваквите податоци, според синдикатот, се загрижувачки:  

„Платите можеби некаде растат, но генерално тие се ниски, дури и најниски во регионот, со исклучок на Косово за кое и не знам дали постои официјален релевантен податок. Ваквите состојби се должат пред сѐ на фактот што најголем дел од работодавачите не се спремни адекватно да го вреднуваат трудот на работникот. Односно, во прв план им е профитот. За овој период од две и пол децении транзиција платите се зголемени за 100%, но капиталот во Република Македонија е зголемен за трипати повеќе. Можеби е и повеќе, но помалку од ова сигурно не е. Тоа се должи на фактот дека нема рамномерна распределба на трудот и капиталот, секој да си го земе својот дел за да има нормален живот во Македонија“, реагира Пеце Ристескин претседател на Синдикатот за енергетика, индустрија и рударство. 

Минимална плата

01:01

This browser does not support the video element.

Потврда за ова, според Ристески, се и ефектите што ги предизвика владиниот концепт за зголемување на минимална плата, кој од една страна даде резултати, но донесе и проблеми:

Минималната плата порасна на 12.000 денари, но сега имаме контраефект. Минималецот се зголеми, но другите плати останаа на исто ниво и работодавачите не покажаа храброст да ги зголемат. Па така дојде до еден вид 'урамниловка' кај две до три категории за сложеност на работни места, па така сега имаме компресија. Во еден мал простор се сместени оние што земаат плата со високо образование и оние кои имаат ниско образование. Имаме состојби каде високо образовано лице почетник, зема 14.000 денари бидејќи нема стаж и сѐ уште нема смени и слични основи за додатоци. Од друга страна, категорија на работници кои се без образование и се соодветно распределени, а кои освен стартниот минималец, поради стажот или ноќниот труд, заработуваат идентична сума. А замислете каде се другите, кога меѓу високата и најниската плата фактички немате разлика. И тоа демотивира“, предупредува Ристески.

Минималецот се зголеми, но другите плати останаа на исто нивоФотографија: fotolia/Peter Atkins

Делење плати од „ѓутуре“

Работодавачите се свесни за проблемите, но велат дека генерално тие се одраз на реалните состојби во државата. Проблемите се системски, но делумно и кај нив самите:

„На приватниот сектор секогаш му пречат неданочните и парафискалните трошоци кои индиректно влијаат и на платите. Дополнително и чувството на несигурност, што влијае врз бизнисот, но и слабата доминација на бизнисмените, без оглед што се удираат во гради стопанските комори, кои за жал ниту се моќни ниту се влијателни. Да беа влијателни ќе направеа промени во размислувањето на оние што ги креираат политиките, сеедно дали трудови, даночни, фискални, економски... Де факто и самите работодавачи многу малку полагаат внимание на намалување на трошоците на работење, од типот штедење на енергија, штедење на ресурси, перформанси. Еден куп процеси се случуваат во процесот на производството и услугите каде што се повторуваат трошоци наместо тоа да се оптимизира. И во тој случај каде се крати, се знае - најмногу на платите“, предупредува Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.

Дополнителен проблем, според него, е што голем дел од малите и средни компании недоволно или воопшто не инвестираат во своите вработени:

„Многу малку од малите и средни компании имаат доволен капацитет да дознаат што значи вложување во луѓето. Дури немаат ни еден систем на мерење на исполнителност на вработените, па така делат плати што се вели од 'ѓутуре' која сметаат дека е во рамки на нормала и на ниво во целата земја“, укажува Бошков.

Она што дополнително загрижува се политиките кон јавниот сектор, но и социјалните мерки кои дополнително го оптоваруваат буџетот:

Бошков: Со социјална пензија на ниво на минимална плата само се мотивираат тие што не сакаат да работат (фото: министрите за финансии и за социјала, Тевдовски и Царовска, на прес-конференција за данокот и социјалната пензија на 3.11.2018)Фотографија: Mazedonien Regierung

„Состојбата е сериозна, но од друга страна се зголемуваат платите во јавна администрација, ама не знам на чив трошок. Дојде и до социјална пензија на ниво на минимална плата со која само се мотивираат тие што не сакаат да работат и натаму да не сакаат да работат и да примаат социјална помош. Таа социјална пензија не е на товар на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, туку на буџетот. А него го полнат граѓаните и деловниот сектор. Затоа мора да се креираат мерки со кои приватниот сектор ќе стане поконкурентен од јавната администрација која генерално има повисоки плати и го качува просекот. Тоа треба да запре со можности за создавање бизниси и услови за да се водат тие бизниси“, смета Бошков. 

Странските инвеститори не се подобри 

Синдикатите апелираат на сериозен дијалог со бизнис заедницата и владата. Инсистираат на сериозни мерки кои ќе поттикнат развој на претприемништвото, но и намалување на сериозниот проблем со одливот на млади и квалификувани кадри:

„Државата мора да го цени фактот дека заради ваквите состојби со платите 30% од младите кои се висококвалификувани се заминати надвор. И не е точно дека тие заминуваат бидејќи немаат работа. Заминуваат и оние кои се вработени и кои за македонски услови земаат солидни плати, но бегаат бидејќи надвор се уште поплатени. Затоа мораме да седнеме и освен ова со минималната плата да најдеме решенија за услови платите да се зголемуваат. Во спротивно, вака нема да оди. Младите и натаму ќе бегаат и тогаш не знам за кого ќе градиме капацитети и странски инвестиции кои, чест на исклучоци, не се однесуваат ништо подобро кога е во прашање платата“, реагира Ристески.

Повеќе: Работниците во Македонија се оставени на милост и немилост

Мерки сега, ефекти допрва

Голем дел од малите и средни компании недоволно или воопшто не инвестираат во своите вработениФотографија: DW/A. Dimitriveska

Растот на платите и намалување на социјалните разлики се една од клучните владини политики. Пред да дојде на власт, СДСМ најави дека до крајот на мандатот просечната плата ќе изнесува 30 илјади денари. Клучните фактори кои треба да поттикнат зголемување на платите генерално во стопанството се базираат на Планот за економски раст, кој предвидува низа поволности и директна финансиска поддршка за сите оние компании кои ќе инвестираат и ќе обезбедат вработување и плати поголеми од просечната во државата. Од Владата велат дека интерес има, а ефектите допрва ќе се почувствуваат.

Дополнително, во соработка со експерти од Германија ќе се создаваат и услови за подобрување на перформансите на образовниот систем, кој во соработка со стопанствениците, домашни и странски, ќе работат на создавање висококвалификуван кадар согласно потребите на индустријата. Паралелно се подготвува и сериозна реформа во јавната администрација. Со низа мерки ќе се стимулира нејзина поголема ефикасност, а со буџетски средства дел од вработените ќе се преквалификуваат за да станат конкуретни за потребите на приватниот сектор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми