За првпат ќе имаме парламентарни избори на кои СДСМ има попопулистички лидер отколку ВМРО-ДПМНЕ. Колумна на Гордан Георгиев.
Реклама
Плашете се вмровци, доаѓа Заев. Доаѓа на квадрицикл, по нерамен терен, со распетлана кошула, без кацига, и со полн паричник. Има за сите по нешто, се’ уште има. Ќе ја изора Македонија, ќе биде забавен, понекогаш дрзок, често искрен, понекогаш ќе ги затнуваме ушите, но тоа е тој. И не крие дека е таков. Дамнешни изгледаат времињата кога во штабот на Груевски пукаа шампањско во чест на победата на Заев на првите (и единствените!) вистински внатрепартиски избори кои ги организираше СДСМ. Хм, слушам и во СДСМ така пукале шампањци кога Никола Груевски го водеше ВМРО-ДПМНЕ на избори во 2006.
Денес Заев е премиер на Република Северна Македонија. И оди на избори. Ќе оди со полн куфер ветувања, со фотографии, гушки и бацки со разни Ангели Меркели, Јоханеси Ханови, Доналди Трампови (пардон, Тускови), Ципраси и Бојко Борисовци, Помпеовци и Пенсовци. Со селфија од авиони и буџет од три билиони. Со чиста мисла и без покајание за делата што ги направил. Знам, вие ќе речете дека делата се недела, ама во недела на 12 април ќе се преброите. Она што е добро е дека на овие избори влогот е навистина мал. Никој нема што да изгуби. Освен оние неколкумина чиишто судски процеси се во тек. Кроткоста на Заев и ширењето на политичката играта речиси до безвкус, им овозможува на победниците да слават без отровни исцедоци, а губитниците да не жалат премногу. Тоа Заев и го најави од фамозната трибина во Прилеп. Мало сутра на овие избори, но веќе прекосутра, зошто да не- му порача тој на Мицковски. Ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе коле и ќе беси ако дојде на власт, ниту СДСМ ќе биде полош од претходно. Таква е природата на оваа Македонија без Груевски и членка на НАТО.
Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Ilic
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Фотографија: AP
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
Фотографија: AP
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: AP
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Фотографија: Innenministerium der Republik Mazedonien
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
10 фотографии1 | 10
Плашете се вмровци, бидејќи Заев во кампања не е шега. За првпат ќе имаме парламентарни избори на кои СДСМ има попопулистички лидер отколку ВМРО-ДПМНЕ. Заев не крие дека е човек од народот, близок до народот, дека го разбира народот. И ова не е сосема неточно. Сте се излажале ако мислите дека кај СДСМ нема калкулација за тоа. Мало сутра. И самиот Заев е свесен дека популизмот редовно потоа се удира од глава, но тоа не е негова калкулација во моментов. Дури и ова „мало сутра“, колку и незграпно да делува, си има свој ефект. Преполниот „Марко Цепенков“ прсна од смеење. Тоа е доказ дека Заев сепак не јаде живи луѓе, та сите видовме дека никого не изеде. Напротив, со некои од тие што требаше да бидат изедени јадат на иста софра и пијат од иста стомна. И тоа се вика политика, колку и да врескаме. Јадењето живи луѓе делува како далечно ветување коешто не е остварено. Хм, токму оние кои најмногу го критикуваа јадењето живи луѓе сега се најразочарани затоа што Заев на крајот не ги изел тие живи луѓе, туку или ги амнестирал (за повисоки цели) или ги оставил да се влечкаат по судови и да им застарат делата.
СДСМ и на претходните локални избори, и на парламентарните во 2016-та имаше добри, свежи кампањи. Едноставни, лепливи за очи и уши, без многу паламудење и мрчење. И овојпат СДСМ ќе има добра кампања, а овојпат има и што да понуди.
Локални избори за голем пресврт на политичката сцена
Исходот од локалните избори кои се одржаа на 15 октомври, освен првиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ под раководство на Никола Груевски од 2004 година, најавува и голем пресврт на политичката сцена во Македонија
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Мирни и фер избори
Оценка на набљудувачите и на МВР е дека Локалните избори минаа во фер и демократска атмосфера, иако не отсуствуваа и изолирани неправилности и инциденти. Излезноста достигнала околу 60 проценти, што е помалку од изборите во 2013 година, а вкупно гласале нешто над еден милион и 70 илјади граѓани.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Крај за партиските шерифи
Зоран Заев и неговата СДСМ се големи победници на изборите. Партијата успеа да направи целосен пресврт во распоредот на градоначалниците и да ја извојува првата изборна победа по пауза од 13 години. Заев порача дека завршува „ерата на локалните шерифи“ и побара од сите новоизбрани функционери да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Скопје има градоначалник социјалдемократ
За првпат од прогласувањето на независноста, Скопје ќе добие градоначалник од редовите на социјалдемократите. Иако победата на Петре Шилегов се уште не е официјално потврдена, извесно е дека тој ќе биде новиот градоначалник на Скопје, заменувајќи го на функцијата Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Новата ера... не започна
Иако најавуваше „нова ера“, Никола Груевски го доживеа најтешкиот пораз во својата политичка кариера. По серија последователни победи на сите изборни циклуси во последните 11 години, Груевски со наведната глава се пожали на изборни неправилности и најави жалби. Иако одби да одговори дали ќе поднесе оставка на партиската функција, меѓу редови, такво нешто се насетува.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Победа над стравот
За многумина во Македонија, изборниот исход е, на некој начин, победа над стравот кој го чувствуваа граѓаните. Настаните од 27 април и насилниот упад во Собранието беа почетокот на крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кој овојпат доби своја евалуација и во јасно изразената волја на граѓаните.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski
Одмотување на клопчето
Губењето на локалната власт ќе го заокружи процесот на обезвластување на ВМРО-ДПМНЕ, што пак би требало да отвори многу процеси кои треба да дадат одговор на прашањето: што се случуваше во Македонија во изминатите 11 години. Заробена држава, огромна корупција, задушување на медиумите... Меѓу нив, секако, е и проектот Скопје 2014, кој ги чинеше граѓаните преку 600 милиони евра.
Фотографија: DW/F. Hofmann
Тешки задачи
СДСМ сега има уште поголема одговорност да ги спроведе најавените и потребни реформи во државата. Во прв ред тоа се однесува на препораките од вториот извештај на експертската група на Рајхард Прибе. Заев ја доби довербата на граѓаните за продолжување на политиката на заедништво, помирување со соседите и придвижување кон ЕУ и НАТО.
Фотографија: DW/M. Maksimovic
7 фотографии1 | 7
СДСМ, истовремено, настапува и ранет на овие избори. Не испорача правда, баста! Катица им ги помати сметките. Партијата не го задоволи членството во доволна мерка (а ја знае ли некој мерката за доволност за членството да биде задоволено?!?) и не го испорача вториот дел од референдумското прашање т.е. делумно го испорача со влегувањето во НАТО. Штета што толку се фатија со сликање и зголемени очекувања, сега ќе можеа мирно да влезат во кампања и да се прошетат до победа. Испорачаа НАТО, и слобода. За тоа дали овие две работи ќе им бидат доволни на гласачите секогаш гладни за повеќе, во следната прилика.
Дали Заев ќе биде поддржан директно и отворено од странците? И од кои странци? Тешко е да се претпостави, тука играат разни калкулации. Од проценката на странците за тоа која партија води на анкетите до развојот на настаните во ЕУ до април. Сепак, нивниот долг кон Заев не е мал. Заев покажа неверојатна одлучност во испорачувањето на политичките задачи. Нарачателите не очекуваа таква експедитивност и останаа затечени. Македонија веќе не е романтична душа, место препознаено како „копча на светот“, кадешто апостол Павле пиел вода од бунари, а сирени се капеле на бреговите на Охридското езеро. Заев ни го одзема романтичниот дел и ја направи Македонија една територија во која се’ уште мускулите си ги покажуваат разно-разни типови, но на крајот на денот ја направи едно небитно место на географската карта на Европа. Тоа е резултатот. А таков резултат некако и посакувавме, во моментите кога го гледавме дивеењето на толпата на 27-ми април, на пример. Или Диво Насеље, втор пример. На некој ќе му се допадне, некому не. За цената којашто ја плативме може да разговараме и преговараме. Оние на кои не им се допаѓа ќе врескаат уште некое време но уште долго време нема да можат да конституираат релевантна политичка енергија на темата романтизам, токму бидејќи Заев со неговиот дил-ориентид мајндсет им го одзема тоа. Таква е денес Македонија.
Тажно сеќавање на Диво насеље
Смртоносните борби во Куманово ја доведоа политичката криза во Македонија до точка на вриење. Опасноста- судирите во Куманово да испровоцираат меѓуетнички конфликт беше надмината благодарение на смиреноста на граѓаните
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Како по војна
Ден по крвавите судири во кумановската населба Диво насеље, жителите најдоа разурнати домови. Многу објекти беа оштетени, а првично, речиси илјада граѓани беа привремено евакуирани. Животот денес, две години по крвавите настани, е вратен во нормала.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Крвав биланс
Осум полицајци- припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка. Десетици беа приведени од полицијата. Владата објави дводневна жалост.
Судирите започнаа во саботата наутро на 9 мај, откако полицијата наводно се обидела да изврши рација во населбата. Врз полицајците бил отворен оган од автоматско оружје и од ракетни фрлачи. Полицијата тврдеше дека напаѓачите имале свои поддржувачи во градот.
Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj
Меѓуетнички превирања
Иако во судирите многумина препознаа обид да се разгорат етничките страсти и да се предизвика конфликт меѓу двете најголеми заедници во земјата, граѓаните се спротивставија на ваквото сценарио. Сведоци на тоа време останаа изјавите на бројни кумановски граѓани кои прегрнати говореа во прилог на соживотот.
Фотографија: picture alliance/PIXSELL
Политичка криза
Судирите се случија неполни четири месеци откако лидерот на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на ткн. бомби- снимки од прислушкувани разговори чиј автор, наводно, била тајната полиција.
Фотографија: picture alliance/epa/N. Batev
Што се криеше зад насилството?
На ова прашање нема прецизен одговор до денес. Опозицијата обвинуваше дека нападот бил обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ и од масовните протести во Скопје. Владата ги обвини „терористите“ од соседно Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата. Меѓународните претставници во повеќе наврати бараа од владата независна истрага- барање што беше постојано одбивано.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski
Оставките на Мијалков и Јанкулоска
Само два дена по крвавата пресметка тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков поднесоа оставки на функциите. Со нив замина и министерот за транспорт Миле Јанакиески. Сите тројца важеа за дел од најблискиот круг соработници на тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Шпекулациите за причините за нивните оставки кружат до денес.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Седум доживотни казни затвор
Во ноември 2017 година вкупно 33 лица обвинети за крвавите настани во Куманово во мај 2015 година добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина обвинети во случајот Дива населба се осудени на доживотна затворска казна. Скопскиот Кривичен суд на уште 13 обвинети им пресуди вкупно 40 години затвор.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
8 фотографии1 | 8
Проблемот кој не можеше да го предвиди Заев, а и не му беше грижа бидејќи комплетно беше фокусиран на испораката, е дека Македонија (и онаа романтичната и оваа пост-романтичната) во меѓувреме стана крајно цинична и девастирана со умови и кадри. Таа е сега празно поле кое треба да се ора. Цинизмот на македонските граѓани е најголемата опасност за СДСМ на овие избори.
СДСМ има уште еден проблем, кој непрестано го храни токму цинизмот на гласачите. Тоа се неговите некритички бранители заведени под рубриката „аналитичари, мислители, слободни стрелци, новинари и останати“. Кој точно го брани СДСМ денес? И дали на СДСМ му требаат тврди бранители кои штетно зујат наоколу и дополнително ги иритираат сите? Или пак му требаат интелигентни поединци кои знаат да развијат аргумент, да го бранат своето, а да свиткаат опаш кога е потребно? Изгледајте ја дебатата од минатата недела помеѓу Дане Талески и Илија Димовски на ТВ Телма, и ќе ви стане јасно за што зборувам. Потоа, посурфајте на ФБ и видете кој се’ и со какви аргументи го брани СДСМ, и ќе ви стане јасно дека познатата „те молам не ме брани“ важи сега повеќе од било кога.
Би сакал да сум ној, кој ќе ја стави главата во песок, а телото ќе го остави да го клоцаат секакви неранимајковци. Телото трпи болка, главата не трпи глупости и бесмислици.