Плевнелиев: Македонија го откажа стариот договор за добрососедство
9 мај 2014 „Бугарија е адвокат и голем пријател на сите земји од Западниот Балкан. Ние го поддржуваме европскиот пат и НАТО- интеграциите на сите земји. Во 1999 година меѓу Македонија и Бугарија имаше декларација за добрососедски односи. Тоа беше едноставен, но добар документ на две страници во кој се велеше дека двете земји историски нешто заеднички направиле. Добри соседски односи. За жал денешната влада во Македонија овој документ го прогласи како неважечки . И кажа - ова не е за нас! Секако дека Бугарија се залага за добар договор за добрососедски односи. И ништо повеќе, ниту помалку. Тоа е стандарден документ кој може да се состави во неколку часа. Ние исто така велиме дека потпишувањето на старата декларација за добрососедските односи може да го има истиот ефект. Ние воопшто не разбираме зошто денешната власти во Скопје се откажаа од оваа добра декларација за добрососедски односи. Ние сме тука, ние ја даваме поддршката дење и ноќе. Ние сме голем пријател, ја гледаме иднината на Македонија која е исклучително значајна за Балканот. Но, ве молиме пристапете кон основите на модерната дипломатија. Да започнеме со добрососедството!“, кажа на конференција за печат во Берлин претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев (на насловната фотографија) одговарајќи на две прашање на Дојче веле: до каде е стасано со договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и дали Бугарија ќе го поддржи интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ.
Повод за конференцијата за печат која се одржа во седиштето на Сојузното новинарско здружение (Бундеспресеконференц) беше презентирањето на можните влијанија на кризата на Крим врз Западниот Балкан. Плевнелиев како одговор за спречување на ризиците од прелевањето на кризата го истакна значењето на регионот за Европа, на кој не смее да се гледа како на периферија. Затоа, како што подвлече, е значајно неговото интегрирање во ЕУ, со што ќе се обезбеди и инфраструктурното и енергетското поврзување и создавање на вистинско европско демократско општество – со слободни медиуми и транспарентни институции.