1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победата на Трамп не носи големи промени за Македонија

9 ноември 2016

Вашингтон ќе настојува новите демократии да се надградуваат врз основа на евроатланските вредности. Тие и натаму ќе бидат главни ориентири на надворешната политика на САД кон Македонија,прогнозираат домашни аналитичари.

US-Präsidentschaftswahl 2016 - Sieg Donald Trump
Фотографија: Reuters/M. Segar

Изборната победа на Доналд Трамп, е голема победа на американскиот милијардер, не само против Хилари Клинтон и Барак Обама, туку и против кланот на семејството Буш, против бројните музички, спортски, медиумски звезди и моќни медиумски куќи, па дури и аналитичарите на jавното мислење, оценува Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор во НАТО, во Брисел. Победата на Трамп, кој го опишува како „њуjорчанец метаморфозиран во циничен републиканец“, Ружин ја гледа како резултат на фактот што Хилари Клинтон ја треселе непријатни моменти за време на кампањата - аферата со мејловите испраќани од приватен сервер со класифициран предзнак (2009-2013), нејзините разговори објавени од Викиликс, други афери кои ја отсликале нејзината „одвоеност“ од американската реалност, како и навредливиот речник кон гласачите на Трамп („бедници и олош“), но и кон ривалот, („коњ што ќе го јава Путин“).

„Хилари не успеа да стане првата жена председател на САД и во историјата ќе остане запаметена само како сопруга на поранешниот американски претседател Бил Клинтон“, смета Ружин, со оглед дека немала да понуди ништо ново во големата слика на американската надворешна политика, освен стратегиски „јастребски закани“.

Амбасадата на САД во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Вредностите на либералната демократија

Што по победата на Трамп во сферата на надворешната политика?

„Кога е во прашање надворешната политика на Трамп, овој домен е голема непознаница, но јасно е дека ова чуствително прашање ќе го преземат неговите моќни соработници“, оценува Ружин.

„Затоа, и покрај бројните декларации за време на кампањата, американската надворешна политика нема да претрпи некои поголеми стресови. Кога е во прашање Балканот и Македонија, со мали осцилации САД не би можеле драстично да ја сменат политиката кон нашето подрачје. Македонија не може да очекува некои спектакуларни промени. Како и досега, ќе продолжи континуитетот на американската надворешна политика на САД на соработка со балканските држави. Се очекува и натаму да се инсистира на целосна реализација на Охридскиот договор, но и пред се реализација на договорот од Пржино, на среден рок и имплементација на препораките кои произлегуваат од Извештајот на Прибе, а во преден план фер и демократски избори“, вели Ружин. 

Тој смета дека евентуалното забрзување на процесот на проширување на Алијансата не би требало да биде резултат на некој геополитички натпревар, туку повеќе како резултат на ширење на евроатланската култура. Верува дека Вашингтон ќе настојува новите демократии да се надградуваат врз основа на  евроатланските вредности, односно врз вредностите на либералната демократија, кои и натаму ќе бидат главните ориентири на американската надворешна политика кон државите на Западен Балкан.

Клинтон или Трамп? За кого би гласале Македонците

04:37

This browser does not support the video element.

„Тоа значи дека на просторот на Западен Балкан, САД ќе настапуваат во синергија со ЕУ во решавањето на клучните проблеми - владеењето на правото, битката против корупцијата, почитување на основните човекови права и слободи, слобода на медиумите, независноста на судството...“, прогнозира Ружин.

Без драматични промени

За голем дел од домашните аналитичари иако победата на Трамп е големо изненадување, сепак не очекуваат никакви промени во политиката на САД кон Република Македонија.

„Изненадувачка победа, но неизненадувачки и коректен победнички говор, кој ги илустрира константите во американската политика. Во однос на политиката кон Балканот и кон Македонија не очекувам драматични промени“, кусо коментира д-р Малинка Ристевска Јорданова, директорка на Институтит за европска политика - Скопје.

Таква порака утринава испрати и американскиот амбасадор во Македонија,  Џес Бејли, од прес-центарот во скопскиот хотел „Александар палас“ каде што се следеа резултатите од претседателските избори во САД.

„Поддршката на САД кон Македонија останува иста и нема да се промени“, рече Бејли.

„Кампањите се период за нагласување на разликите, додека постизборниот период во САД е време на соединување. И сега кога кампањата е завршена, ние од амбасадата и администрацијата ќе се вратиме на својата работа на градење добри врски помеѓу Македонија и САД“, изјави амбасадорот.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес БејлиФотографија: DW/P. Stojanovski

Тој потенцираше дека добрата иднина е нешто што е заедничко за сите.

„Луѓето од Македонија и САД сакаат просперитет и добро образование за своите деца, како и мир и напредок во светот. Не секогаш ќе се согласуваме како да стигнеме до тоа, но целта е секогаш иста. На секои четири години САД слават нешто специјално, право што е во самата основа на нашата држава, право за кое луѓето се бореле. Оваа кампања секако предизвика доста врева, но најважно од сето тоа е дека американските граѓани излегоа да го остварат своето право на глас и нивниот глас ќе биде слушнат“, рече Бејли.

Меѓу присутните во „Александар Палас" беше и заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, која ги коментираше изборните резултати во САД.

„Не можам да кажам дека како жена не сум разочарана што во Белата куќа не влезе жена-претседател, но тоа е одраз на демократската волја на граѓаните, како што ќе биде и на 11-ти декември во Македонија. Резултатите покажаа дека и покрај големата медиумска поддршка и покрај сите предвидувања, волјата на граѓаните не може да се заобиколи", рече Шекеринска, додавајќи дека се надева на промени и во Македонија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми