1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на волјата

Јоша Вебер/БГ14 јули 2014

Германија беше на колена, речиси нокаутирана, и уште еднаш стана. Во интензивното финале, на крајот Германците дојдоа до победата затоа што повеќе ја посакуваа, коментира Јоша Вебер.

Фотографија: DW/P. Wozny

Додека играчите опуштено играат околу пехарот сѐ изгледа толку едноставно. Пехарот стои на тревата, а германските репрезентативци играат околу него, со рацете високо подигнати, како тоа да не бара никаков напор. Моментот на големата среќа ослободи резерви на енергија за која мислевме дека одамна е истрошена за време на мечот кој повеќе личеше на рововска војна. На лицето на Швајнштајгер исеченица која обилно крвареше. Повеќепати тој лежеше на тревата по силните дуели и грчеви. Но, секогаш стануваше, така стана пример и симбол за овој натпревар.

Откако успеа, следен со овации од германските навивачи, да се врати на теренот, и тимот покажа карактер. Уште еднаш се исправија, против мотивираниот противник, против заморот, против можната лотарија на пеналите. Уште еднаш, во финишот на продолженијата, германскиот тим даде сѐ од себе и за тоа беше награден. Центаршут на Ширле, прием на Геце, шут и гол! Беше тоа смртен удар за аргентинскиот тим и награда за пожртвуваноста на германската екипа. Поради тоа, титулата е заслужена.

Натпреварот беше предолг. Повеќе пати се прекршуваше на едната и на другата страна. Обете екипи во финалето си дозволија груби грешки кои противникот не успеваше да ги искористи. Сѐ до голот на Геце кој падна затоа што Германија повеќе ја посакуваше победата. Германците беа подготвени да ризикуваат повеќе од Аргентина, да го искористат и последниот атом сила за напад. Тоа е физичко и психичко издание за респект.

Тоа важи и за селекторот. Човекот кој често знаеше да ја подели јавноста, критикуван затоа што понекогаш тврдоглаво се држеше до своите невообичаени тактички замисли. И Јоахим Лев, како и неговата екипа, мина одреден пат, се развиваше и тоа не одеше секогаш мазно, но целта остана иста: успех. Лев од талентираната генерација изгради вистински тим во кој немаше место за егоизам. Уште поголемо признание Лев заслужува затоа што беше подготвен да ја преиспита својата идеја за естетски дотеран фудбал и на крајот да го смени својот концепт за да стигне до титулата. Браво господине селекторе, успеавте!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми