Победа на Германија
22 јануари 2009Десет гола разлика во конечниот резултат можеби звучи како јасна надмоќ на германските ракометари, но во добар дел на натпреварот воопшто не изгледаше дека победата на Германија ќе биде јасна. Напротив. Во првото полувреме германските ракометари имаа премногу промашувања и Македонија, на полувремето заслужено замина на одмор со водство од еден гол 14:13.
Се чини дека за време на паузата со чај, тренерот Хајнер Бранд ги пронајде вистинските зборови за својот тим, зашто играта на екипата во второто полувреме изгледаше сосема поинаку. Тренерот Бранд сведува ваков биланс: „Одбраната беше многу добра. Во нападот игравме добро, но имаше и избрзани потези. Во второто полувреме игравме континуирано, имавме добри контранапади кога Македонците беа веќе уморни и така добивме предност.“
Без Лазаров значеше и речиси без голови
За победа на Германија, веројатно многу придонесе и тоа што најдобриот стрелец во македонскиот тим, Кире Лазаров добри црвен картон и беше исклучен на средината од второто полувреме. Без Лазаров, кој постигна девет гола, Македонија до крајот на натпреварот даде уште само три гола. Македонија денеска игра со репрезентацијата на Русија и само со победа има шанса да ги продолжи натпреварите на Светското првенство во вториот круг.
Германската репрезентација попладнево исто така се соочува со тежок противник - екипата на Полска, која е светски вицепрвак и која, се разбира, поради отворената сметка од загубеното финале на светското првенство во 2007 година сака да и‘ се реваншира на Германија.