1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на дипломатијата

Геро Шлис / превод: ЕМФ3 април 2015

Барак Обама може да си ја припише како личен успех постигнатата дипломатска согласност во атомскиот спор, оценува Геро Шлис. До конечен договор има уште работа за американскиот претседател.

Фотографија: picture-alliance/dpa/White House/Pete Souza

Дали светот стана побезбеден по постигнатиот пробив во разговорите за нуклеарната програма на Иран? Како што сега се чини, на ова прашање може да се одговори со јасно ДА. Додуша многу детали се‘ уште не се познати и проверени. Исто така, со сеопфатен нуклеарен договор би морало да се решат и важни технички детали. Но спогодбата која е постигната меѓу шесте светски сили и Иран дава рамковни услови кои овозможуваат конечен договор до крајот на јуни.

Главната цел се чини е постигната: Иран мора да се откаже од способноста за изградба на атомска бомба. Со тоа, САД и нивните сојузници можеа барем да ја запрат земјата на патот кон атомска сила. И, се чини дека се успеа во тоа на Иран да му се наметне ефикасен режим на инспекции, кој би требало да обезбеди земјата да се држи до дадените ветувања. Кога доказот за тоа ќе стигне, САД и другите светски сили постепено ќе ги укинуваат санкциите.

Фактот дека овој механизам ќе биде проследен со нова резолуција на Советот за безбедност на ОН е важен престижен успех на Иран. Но од поголемо значење е тоа што санкциите ќе бидат постепено укинувани и луѓето во Иран ќе имаат шанса да профитираат директно од тоа. Извештаите за луѓе кои танцуваат на улиците на Техеран покажуваат колку големи се очекувањата на младата генерација.

Личен успех на Обама

Американскиот претседател Барак Обама е движечката сила зад ислучителниот дипломатски напор. Врз него не влијаеја ни хорор-сценаријата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ниту мрачните закани на опозиционите републиканци. Воен удар за него никогаш не беше алтернатива која треба да се избере. Напротив, Обама стори се‘ за мирно решение на 12-годишниот конфликт околу можната иранска атомска бомба. Сега донесената заедничка изјава е важен чекор во таа насока. Таа не само што е победа на дипломатијата, туку е и сосема личен успех на Обама. Германија со своите министри за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер и Гидо Вестервеле му даваше силна поддршка, притоа внесувајќи ги во процесот своите традиционално добри односи со режимот на имамите во Техеран.

Геро ШлисФотографија: DW/P.Henriksen

Можеби по атомскиот договор, сепак, нешто друго е највредната придобивка од маратонските преговори - тоа што меѓу смртните непријатели САД и Иран се создаде еден вид нежна нишка на заемна доверба. Без нејзе беше тешко остварливо она што се постигна. Можеби е прерано да се зборува за приближување. Но иако тоа не се вели отворено, сега со Иран се врзуваат очекувања кои ги намдинуваат рамките на проблемот околу атомската програма.

Земјата од поодамна дејствува дестабилизирачки во регионот и се бори крваво со својот смртен непријател Саудиска Арабија за превласт. Сирија, Ирак и Јемен се актуелните полиња на пресметка. Хезболах и Хамас, кои и натаму му се закануваат на Израел со ракети и терор, досега можеа да сметаат на помош од Иран. Претседателот Обама и неговиот неуморен министер за надворешни работи Кери сега сигурно успешниот нуклеарен договор ќе го искористат како потик за да ја свртат во друга насока динамиката во целиот регион. Проценката на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер дека во подготвеноста на Иран на компромис се отсликува промена на иранската политика, оди во иста насока.

Обама е потребен и натаму

Но ова засега е „музика на иднината“, која е покриена со малку факти. Обама ќе мора прво да ги увери важните играчи кои не седат на преговарачка маса - Конгрес полн со недоверба, во кој републиканците постојано бараат проширување на санкциите против Иран и со голем број демократи имаат единствен став дека по прашањето на нуклеарниот договор последниот збор треба да го има Конгресот, а не Претседателот.

За Обама ќе биде најверојатно тешко и да ги смири Саудиска Арабија и другите држави од Заливот дека можното приближување со Иран не значи и вртење грб кон нив. Во очите на Обама најверојатно безнадежен случај ќе биде израелскиот премиер Нетанјаху, кој и сега повторно предупреди да не се прават историски грешки.

Ако во јуни навистина биде постигнат цврст договор, тогаш Обама со дипломатски средства ќе успее да ја отстрани една од најголемите закани по безбедноста во светот. Со тоа не само што ќе ги замолчи сите свои критичари, туку ќе постави и темелник за својот надворешнополитичко тестамент.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми