Победа на СПД - тежок пораз на ЦДУ
14 мај 2012Социјалдемократите, чиј покраински лидер Ханелоре Крафт досега предводеше малцинска влада, освоија убедливо мнозинство со 39 отсто освоени гласови и во иднина ќе можат непречено да владејат во коалиција со партијата на Зелените. ЦДУ на Меркел, пак, го забележа најлошиот резултат од Втората светска војна наваму освојувајќи околу 26 проценти од гласовите, што е за 9 отсто помалку од последните избори во 2010. година. Изборите претставуваа мал триумф и за Либералите и Пиратите. Либералите по серијата порази на регионално ниво, конечно успеаја да обезбедат влез во парламентот. Партијата на Пиратите, пак, обезбеди влез во четвртиот регионален парламент едноподруго.
Изборите во Северна Рајна Вестфалија, традиционално играат голема улога и врз политиката на национално ниво, а аналитичарите се согласни дека резултатите можат да го променат односот на силите и во Берлин. Пред седум години, тогашниот канцелар Герхард Шредер доживеа понижувачки пораз во покраината, по што мораше да свика вонредни парламентарни избори.
Веќе се јавија и првите шпекулации дека по убедливата победа, старо-новата премиерка на Северна Рајна Вестфалија, Ханелоре Крафт би можела да се јави и како главен ривал на Меркел на парламентарните избори.
„Јасно е, откако ЦДУ по 11-ти пат по ред не успеа да обезбеди мнозинство заедно со коалициските партнери ФДП, дека поразот не се должи само на личности, туку се должи на една политика која е многу оддалечена од луѓето“, оцени лидерот на СПД, Зигмар Габриел.
На другата страна, стигнаа и првите најави за оставки. Прв на отстрел беше кандидатот на ЦДУ и актуелен министер за екологија на сојузно ниво, Норберт Ретген.
„Ова е тежок и болен пораз. По ваквиот исход јас поднесувам оставка на раководната улога во покраинската организација на ЦДУ“, изјави Ретген.
Иако најголемиот дел од критиките за тешкиот пораз на ЦДУ засега одат на сметка на Ретген, резултатите ќе бидат двоен пораз и за Меркел. Гласачите во Северна Рајна Вестфалија не само што ја отфрлија нејзината партија, туку на некој начин и мерките за штедење кои таа ги наметна за земји како Грција, Шпанија и Португалија. Северна Рајна Вестфалија е најзадолжена покраина во Германија, и ЦДУ на изборите предлагаше буџетска консолидација, слична на онаа за должниците во еврозоната. Но гласачите ја отфрлија оваа платформа, иако анкетите на национално ниво и натаму покажуваат дека мнозинството анкетирани го поддржуваат курсот на штедење кој Меркел го заговара за другите европски држави.