1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа, но не и слобода за Асанж

Матијас фон Хајн Превод: Зоран Јордановски6 февруари 2016

Затворањето на Џулијан Асанж, во амбасадата на Еквадор во Лондон, според ОН, бил израз на „самоволие“ и тој треба да биде ослободен. Вистински чекор во правосудната сага, која уште не е завршена, смета Матијас фон Хајн.

Фотографија: Reuters/N. Hall

Звучи како жестока шлаканица: еден орган на ОН за човекови права ги искритикува британското и шведското правосудство. Пресудата на помалку познатата Работна група за самоволни апсења е недвосмислена: односот спрем основачот на Викиликс, Џилијан Асанж, е противправен, тој веднаш треба да биде ослободен и обесштетен за речиси 2000 денови неправедно затворен во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Фактите зборуваат: досега воопшто нема покренато обвинение против Асанж. Британското правосудство се повикува на европски налог за апсење, издаден од обвинителка од Гетеборг во Шведска по распит на Асанж во фаза на претходна постапка. Претходно државна обвинителка од Стокхолм ги отфрли обвиненијата против Асанж како беспредметни. Обвонителката од Гетеборг е бламирана: Работната група на ОН и’ префрлува дека несразмерно ја одолговлекувала истрагата. Таа со години настојуваше Асанж да го сослуша во Шведска и одбиваше да го стори тоа во В. Британија. Во истиот временски период шведски иследници во други случаи спровеле преку 40 сослушувања во Велика Британија.

Крстоносна војна против „свиркачот“

Да не беше во прашање основачот на Викиликс, може да се претпостави дека британското и шведското правосудство немаше да опстојуваат врз апсурдното сценарио за „сослушување“ на Асанж. Се чини дека овде помалку станува збор за владеењето на правото отколку за искористување на законите со цел да биде замолчан еден непријатен новинар. Може да се претпостави дека во заднина властите на САД вршат притисок. Асанж посебно, но и другите соработници на Викиликс си создадоа моќни противници во Вашингтон. Она што тие го објавија од 2010. година наваму ја откри валканата страна на американската политика, првенствено во воениот ангажман во Ирак и Авганистан. На светлина излегоа изричито непријатни работи за политичкиот естаблишмент. Потпретседателот на САД Џо Бајден го означи Асанж како „сајбер-терорист“.

Матијас фон Хајн

Ниедна американска администрација никогаш не постапила толку остро спрема „свиркачите“ колку оваа на Барак Обама, притоа понекогаш со задоволство газејќи го правото. На пример, во летото 2013. година авионот со кој боливискиот претседател Ево Моралес се враќаше од посета на Москва, беше принуден да слета во Виена поради сомнение дека во него се наоѓа и свиркачот од НСА (Националната агенција за безбедност, разузнавачка служба од САД) Едвард Сноуден. Со оглед на таквите постапки, не смее да се потценува дека загриженоста на Асанж дека би им бил испорачан на САД е само изговор, иако В. Британија и Шведска уверуваат дека немаат добиено такво барање од САД. Но, ФБИ (американска федерална полиција) води истрага против Викиликс и може да се претпостави дека налозите за апсење и барања за екстрадиција подготвени чекаат во некоја фиока и можат брзо да бидат сипратени по факс.

Морална победа без конкретна придобивка

Пресудата од Женева му даваа поттик на Асанж, но нема толку бргу да му донесе слобода. Вештаците од Женева не можат да сторат нешто повеќе отколку вршење морален притисок. В. Британија и Шведска јасно ставија на знаење дека не ја сметаат пресудата на Работната група како задолжителна за нив. Тоа е кратковидо и погрешно, оти така ја слабеат својата сопствена позиција во спорови околу човековите права со држави во кои не владее правото. Но, тоа свесно го прифаќаат.

l

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми