2019 го Грција е изборна година, а актуелниот премиер нема многу да понуди, се вели во анализата на ФАЦ за шансите на Алексис Ципрас да остане на функцијата и клучната улога на Преспанскиот договор во изборната година.
Реклама
Ципрас, Нобелов лауреат?- насловена е анализата на германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЦ) посветена на грчкиот премиер Алексис Ципрас и бурната година, која му претстои на домашната политичка сцена. Авторот и одличен познавач на состојбите на Балканот, Михаел Мартенс, на почетокот истакнува дека пред четири години никој не можел навистина да смета дека Алексис Ципрас ќе биде грчки премиер со далеку најдолг мандат во кризните години:
„Во јануари 2015 година, кога Ципрас победи на првите парламентарни избори, многумина му предвидоа само краток мандат. Почетните збркани месеци на првиот владин кабинет на Ципрас се чинеше ги потврдуваа таквите предвидувања [...] Но и покрај сѐ, тој со својата Сириза успеа да победи и на предвремените избори во септември 2015 година, кои се одржаа по таканаречениот 'Грегзит-референдум', на кој Грците се изјаснија за останување во еврозоната“.
Куса историја на грчката должничка драма
Грција со години се мачеше со огромниот долг. Од референдумите за ЕУ и пакетот помош од ММФ до подемот на крајната левица - ДВ прави пресек на клучните моменти од кризата и начинот на кој Атина излегува од неа
Фотографија: picture-alliance/AP/P. Giannakouris
Почеток на кризата
Како последица на светската економска криза, тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу во 2009 откри дека буџетскиот дефицит надминал 12 проценти, двојно повеќе од проектираното. Подоцна достигна и 15 проценти, далеку над границата на ЕУ од 3 проценти. Откритието ги поттикна рејтинг агенциите да го спуштат статусот на Грција, поради што Атина имаше проблем да се задолжува.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis
Нереди поради мерките за штедење
Во обид да ѝ помогнат на Атина, ЕУ и ММФ се согласија да ја спасат Грција во 2010. Програмата предвидуваше мерки за штедење за кратење на буџетскиот дефицит, чекор кој многу Грци не го прифаќаа. Започнаа протести и демонстрации низ целата земја кои често завршуваа со судири со полицијата. Масовните протести кои започнаа во 2011 траеја со години.
Фотографија: picture alliance/AP/E. Morenatti
Подемот на периферните партии
Гневни поради растечката невработеност и сиромаштија, мнозинството Грци во 2012 година гласаа за периферни партии кои се спротивставуваа на штедењето и мерките за помош. Откако првите избори не донесоа јасен победник, се одржаа уште едни. На нив победи конзервативната Нова демократија. Партијата ја прифати програмата за штедење.
Во 2015, Грците ѝ дадоа на левичарската Сириза мандат да формира влада на вонредни избори, по што Атина влезе во судир со Брисел. Во јуни, премиерот Ципрас најави референдум за програмата на ЕУ. На 30 јуни, Грција стана првата развиена економија во светот која не успеа да плати долг кон ММФ. Атина наметна контроли за да го спречи бегството на капитал од земјата.
Фотографија: picture-alliance/AP/D. Ochoa de Olza
Пресвртна точка
Референдумот заврши со отфрлање на условите на ЕУ, откако 61 отсто од граѓаните гласаа против новата програма за спас. Но, тоа не ја спречи владата на Ципрас да ги прифати условите на Брисел, поради што оставка поднесе министерот за финансии Јанис Варуфакис. Тоа ѝ овозможи на Грција да избегне излегување од еврозоната и да добие помош во износ од 86 милијарди евра.
Како дел од програмата за спас од 2015, Грција усвои економски реформи кои вклучуваа намалување на јавната потрошувачка и приватизација на државните фирми. Две години подоцна, ММФ побара од Брисел да ги олесни условите и да усвои отпишување на долговите. За Грција да ги исполни условите, Ципрас се согласи да ги прошири даночните и пензиските реформи.
Фотографија: picture-alliance/dpa/CTK/P. Svancara
Крај на една ера?
Во август 2018, Грција официјално ја напушти програмата за штедење, а претставници на ЕУ тоа го нарекоа „почеток на ново поглавје“. Комесарот Пјер Московиси изјави дека Грците „можеби не чувствуваат подобрување“, но ЕУ ќе продолжи „да работи со вас и за вас“. Но, со високата невработеност и огромната сиромаштија, многумина се сомневаат дека ова е навистина крајот на кризата.
Фотографија: picture-alliance/AP/P. Giannakouris
7 фотографии1 | 7
Во анализата се потсетува дека Ципрас повеќепати во изминатите месеци потенцирал оти сака да го исполни својот мандат до последниот ден и дури наесен да се кандидира за реизбор на редовните парламентарни избори. Доколку може да ги оствари своите најави, тој дури ќе стане и првиот грчки премиер по цели две децении кој успеал да „истера“ цел мандат, истакнува авторот, но веднаш упатува на фактот дека слабата позиција на Сириза во анкетите во моментов и растечкиот притисок од страна на водечката опозициска партија „Нова Демократија“ и нејзиниот лидер Кирјакос Мицотакис говорат за тоа дека предвремени избори во мај се поверојатни:
„Во моментов, навистина се чини дека на Ципрас му е потребно мало чудо за повторно да биде избран за премиер. Не е ни сигурно дека ќе ја изгуби власта уште пред истекот на неговиот мандат. Најважната причина за тоа е храбриот обид, кој тој самиот го презема: помирување со соседната држава Македонија, кое можеби уште во февруари може да доведе до надминување нервирачкиот 'спор за името' [...] Ако успее ризичниот обид Ципрас и неговиот македонски колега, Зоран Заев, дури би можеле да ја освојат Нобеловата награда за мир. Како и да е, двајцата се номинирани. Медиумите во Македонија и во Грција неодамна објавија дека Видед Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир од 2015 година, го искористила своето право да дава предлози. Ако номинацијата биде успешна, тоа исто така ќе биде уште еден доказ за непредвидливоста на политиката: Ципрас настапи на политичката сцена за да ја ослободи Европа од 'Меркелизмот' и за време на предизборната кампања речиси нескриено ја претставуваше Ангела Меркел во традицијата на националсоцијалистите - само за да на крајот да заврши додуша без олеснување на долгот за Грција, но со Нобеловата награда за мир и како близок политички сопатник на германската канцеларка“, читаме во анализата на ФАЦ, во која се истакнува и дека на внатрешнополитички план сето ова не менува ништо во тоа дека Ципрас можеби наскоро ќе мора во описот на својата функција да наведе „в.д. мини-премиер“, затоа што договорот со Македонија се заканува да го растури неговиот владин кабинет.
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.
„Министерот за одбрана, Панос Каменос, од десничарско-популистичка партија 'Независни Грци' (Анел), коалицискиот партнер Сириза, го отфрла договорот со поранешната република во Југославија. Тој со недели се заканува дека ако ратификацијата на договорот дојде на дневен ред во атинскиот парламент, тој ќе се откаже од неговото министерско место и Анел ќе ја напушти владата. Калкуацијата зад сето ова е очигледна. Во анкетите, Анел повеќе од една година е далеку под трипроцентниот цензус за влез во грчкиот парламент. За Каменос во националистичката мобилизација преку отфрлање на наводното 'предавство на грчките интереси' од страна на Ципрас се крие последната шанса неговата партија да ја пренесе преку цензусот. Компромисот со Македонија, имено, е исклучително неомилен во Грција. Отпорот против него носи избирачки гласови“, читаме во анализата, во која уште се истакнува: „Иако Ципрас за ратификација на договорот може еднократно да се надева на некои гласови од либералната опозиција, сепак без Анел тој ќе го загуби владиното мнозинство. А дали ќе има и доволно гласови од опозицијата за ратификација на договорот, исто така е неизвесно. Единствено нешто што е извесно е дека помирувањето со Македонија со очекуваните односи на силите во наредниот грчки парламент нема да има никаква шанса“, читаме во анализата на ФАЦ, потсетувајќи на постојаните укажувања на Кријакос Мицотакис дека Нова Демократија никогаш нема да го ратификува Договорот од Преспа.