Повелете, вратата е отворена!
30 ноември 2009![](https://static.dw.com/image/4556227_800.webp)
Оваа долгоочекувана одлука, попладнево (30.11.2009) во Брисел, ја објави шведското претседателство со ЕУ на прес конференција:
„Ова е голем момент во историјата на ЕУ. Конечно сме во можност да понудиме визна либералзиација за Македонија, Црна Гора и Србија и да ги повикаме граѓаните на тие три земји да дојдат да ја посетат ЕУ. Визна либерализација стапува на сила на 19 декември. Тоа им остава уште неколку дена на граѓаните кои тоа го посакуваат да резервираат билети и за Божик да ги посетат своите роднини во ЕУ“, рече шведскиот министер за миграција, Тобијас Билстром.
Граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора веќе нема да вадат туристички визи во амбасадите и слободно ќе можат да се движат во 28 европски земји, односно во земјите членки на ЕУ, освен Ирска и Велика Британија, но плус Норвешка, Исланд и Швајцарија, кои се дел од Шенгенската заедница.
Престој до 90 дена
Важно е да напомене дека укинувањето на визите се однесува исклучиво на кратките престои, било тие да се туристички, работни или студентски. Граѓаните ќе можат да престојуваат до 90 дена во шестмесечен период во која било од Шенген-државите, без разлика колку пати влегле или излегле од зоната, се‘ додека вкупниот број денови не надминува три месеца.
За слободен влез во овие држави, граѓаните мораат да поседуваат биометриска патна исправа, во спротивно визата останува задолжителна, одлучија министрите за внатрешни работи.
Што се однесува до Грција, која не го признава македонскиот пасош, компромисот е да се удира печат на посебно парче хартија при влезот во оваа држава.
Oдлуката стартува на празникот Свети Никола, заштитникот на патниците
Шенгенскиот ѕид паѓа за три држави од регионот. Според дипломатските најави, за Босна и Херцеговина надежта е дека визниот режим ќе може да биде укинат идната година ова време, но Сараево и Тирана треба претходно да вложат убедлив реформски напредок, порачуваат ЕУ- дипломатите.
Укинувањето на визите беше предложено во јули 2009-та од страна на Европската комисија. Предлогот го поддржа Европскиот парламент, на почетокот од овој месец. Денеска, конечно и највисоките европски власти го усвоија овој историски предлог. Од 19 декември, на православниот празник Свети Никола, заштитник на патниците, граѓаните на Србија, Македонија и Црна Гора ќе можат без визи да тргнат на пат кон Европа.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска