Повеќемина странски државјани убиени во Авганистан
7 август 2010При напад на радикално-исламистичките талибански милиции со северно-авганистанската провинција Бадахшан убиени се десет соработници на христијанска хуманитарна организација. Меѓу убиените, според последните информации се наоѓа една жена со германско државјанство, шест Американци и еден британски државјанин, како и нивните двајца преведувачи. Околу националноста на жртвите имаше повеќе информации, според првичните извештаи стануваше збор за шест Германци. Талибанците соопштија дека хуманитарните работници биле убиени, бидејќи шпионирале за САД и вршеле мисионерство на христијанството. Убиените лица најверојатно биле дел од меѓународна хуманирана организација со седиште во Швајцарија, специјализирана за очни болести.
Радикално-екстремистичките талибанци ја презедоа одговорноста за убиството на странските државјани. За новинската агенција АФП, портпарол на екстремистите истакна дека тие убиле „христијански мисионери“, кои носеле библии со себе.
Групата се состоела од очни лекари
Еден Авганистанец го преживеал нападот во оддалечената планинска област и веднаш се упатил до најблиската полициска станица. Мртвите биле идентификувани врз основа на нивните пасоши. Преживеаниот Авганистанец ја известил полицијата дека нападнатата група во најголем дел се состоела од очни лекари.
Портпарол на министерството за надворешни работи во Берлин во меѓувреме истакна дека владата се` уште ја проверува информацијата. За таа цел амбасадата во Кабул веќе воспоставила контакт со авганистанските власти. Повеќе детаљи се` уште не се соопштуваат.
Автор: ТТ/ АТ/ дпа/ ројтерс/ афп
Редактор: Александра Трајковска