1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе донации, помалку помош за најзагрозените

Кристина Озимец
25 февруари 2017

Најсиромашните, но и оние со големи здравствени проблеми сѐ повеќе бараат донации од сограѓаните, откако изгубиле надеж дека државата ќе им обезбеди помош.

Mazedonien Reportage
Фотографија: V. Gushevski

Новко Младеновски кој живее во селото Вратогурце е слепо лице со деветчлено семејство кое живее во субстандардни услови и тешка сиромаштија. Тој со дечињата и останатите членови на неговата фамилија дели мала соба од 20м2, додека во секој момент едниот ѕид од старата куќа е спремен да падне. Младеновски преку медиумите упати апел за помош, особено за неговата мала ќерка заради која некогаш мора да патува и по 13 километри на ден за да ја однесе на училиште. Од општината како што вели, одбиле да обезбедат превоз за девојчето да оди во училиште и таа мора да пешачи. Тој за Дојче веле изјави дека досега од државата не го контактирал никој и сите луѓе кои доаѓаат да му помогнат, тоа го прават самоиницијативно

„Многу сум благодарен досега за донациите, треба уште работи но јас сум слепо лице, и ете се мачиме. Жената има ментален хендикеп, децата исто така. Дојдоа некои луѓе на Фејсбук што виделе и ни донесоа храна, сега молиме ако може некој да ни помогне да се санираат тие два ѕида за да не ни паднат над глава или да ни обезбедат некаква соба. Се надеваме и на отпишување на стар долг од ЕВН за струја“, ни раскажа Младеновски во телефонската изјава.

Фотографија: V. Gushevski

Во слична ситуација е и семејството на младиот Никола Саздевски, кој има 20 години и е невработен. Со неговите родители живее во селото Пелинце и преживуваат со само пет илјади денари. Храна, облека, пари за струја, градежни материјали. Сите овие потреби се итни и за ова семејство кое едвај врзува крај со крај.

Двете семејства пред неколку дена беа посетени од неколкумина волонтери кои сами се организираа и им однесоа храна и облека. Сега организираат акција преку која ќе отворат жиро сметка каде ќе може да се собираат пари за помош за да им се помогне и плати струјата на семејствата.

„Цела зима, кога беше и -20 ја поминале без струја.Сметката им е 48 000 денари. Исто така, фамилијата Саздевски има најитна потреба од лекарски преглед, особено таткото, Стојан, кој имал срцеви проблеми и е во лоша состојба и слеп на едното око). Втората фамилија е во „подобра" ситуација. Понекогаш добиваат донации од различни луѓе и невладини организации.

Фотографија: V. Gushevski

За седум годишната Елеонора се трудиме преку организацијата „Огледало“ да обезбедиме престој во интернатот на „Димитар Влахов" во Скопје. За Новко и неговата фамилија се трудиме да најдеме и градежна фирма која би „донирала" тоалет или бања“, вели за Дојче веле Војислав Гушевски, еден од активистите кои им помагаат на семејствата.

Волонтерите кои пак ќе ги посетат семејствата, преку Фејсбук повторно апелираат до сите хумани граѓани да донираат храна, облека, покуќнина, финансии, градежни материјали и се друго што би можело да биде од помош.

Велат дека парите кои ќе ги соберат, ќе бидат искористени за покривање на заостанатиот долг за струја на семејството Саздевски.

Наместо државата, граѓаните сами помагаат

Во Македонија постојано се зголемуваат барањата за донации за индивидуални случаи на луѓе на кои им е потребна помош за собирање средства за здравствени проблеми или пак заради сиромаштија. Речиси нема ден на медиумите или социјалните мрежи да не се шири молба за донирање финансиски средства за помош. Билјана Дуковска од Платформата за сиромаштија вели дека оваа појава е последица на неадекватниот и неефикасен систем за социјална заштита.

Фотографија: V. Gushevski

„Во недостаток на државни превентивни механизами за запаѓање во социјален ризик граѓаните буквално меѓусебно „се спасуваат“ со донациите. Сепак, тие се само привремени решенија и парцијални, што на долг рок не може да се искористи како добра практика. Сиромаштијата се решава само со политичка воља, пари и системски комбинирани активности за превенција, заштита, поддршка и активација на населението“, вели Дуковска.

Според економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, нема дилема дека се потребни системски решенија за овој проблем и тука нашата држава целосно потфрла. Тој вели дека иакоМакедонија во Уставот се дефинира како социјална држава, таа тоа воопшто не е.

„Средствата кои државата ги издвојува за социјални намени изнесуваат само 2% од БДП. За споредба, во земјите од ОЕЦД (развиените земји), овие средства изнесуваат 13% од БДП. Затоа воопшто не е чудно што имаме рекордна сиромаштија во Европа и што постојано гледаме и слушаме за лица и семејства кои живеат во тешки услови.

Фотографија: V. Gushevski

Решението е едноставно - државата треба да посвети многу повеќе внимание на овој општествен проблем, т.е. треба да ги зголеми средствата кои се издвојуваат за оваа намена. Нема никаква економска причина за ова да не се направи, затоа што средствата кои се потребни и не се толку големи. 2% од БДП се околу 200 милиони евра, а владите на Груевски потрошија 700 милиони евра на Скопје 2014“, додава Јовановиќ.

Од Телеком велат дека во последните три години се собирале пари за 151 случај, или вкупно 50 милиони денари се донирани за помош на загрозени граѓани. Од Црвениот Крст пак собирале финансии за 25 индивидуални случаи за кои биле донирани 281 илјада денари. До објавата на текстот не добивме одговор од ОнеВип за бројката на донации кои се прават преку нивната мрежа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми