1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе пари пред влезот во ЕУ, наместо потоа

16 јуни 2011

Земјите од Западен Балкан сакаат да си го најдат вистинското место во идната финансиска перспектива на ЕУ. Затоа во Брисел претставија заеднички предлог за линеарно зголемување на поддршката, која ја добиваат од ЕУ.

Фотографија: Fotolia/Jakub Krechowicz

Во името на колегите од Западен Балкан, заменик-премиерот на Србија, Божидар Ѓелиќ, во Брисел го претстави предлогот за обликување на финансиската поддшка на ЕУ за регионот до крајот на деценијата. Станува збор за две клучни поенти: како прво, да не се чека земјите да влезат во ЕУ за да добиваат повеќе средства од европските пристапни фондови; и како второ, земјите од Западен Балкан да му ги прикажуваат на Брисел плановите за своите национални буџети - доколку тие се одржливи, тогаш ЕУ ќе може да даде гаранции за тие земји да можат по поволни услови да се задолжуваат на светските финансиски пазари.

Истата сума, но различно распределена

Ѓелиќ: Важно е што настапуваме заедноФотографија: AP Photo

Во време кога во ЕУ се разговара за финансиската перспектива во следната деценија, која за многу земји од Балканот ќе биде деценија на приближување или влез во ЕУ, од суштинско значење е да се променат „правилата на игра“, што значи рамномерно распределување на европската финансиска поддршка: „Ние од Србија и Западен Балкан сакаме истата сума средства поинаку да се распредели. Да добиваме значително повеќе пари пред да влеземе во Унијата, а значително помалку откако веќе ќе станеме членки. Да се постигне природна и линеарна прогресија“, изјави Ѓелиќ, по обраќањето пред Одборот за буџетски прашања на Европскиот парламент.

Разликите во помошта можат да доведат до политички последици

Хрватска моментално добива 150 милиони евра годишно, а во моментот кога ќе влезе во ЕУ - најверојатно 2013 година - таа сума ќе изнесува две милијарди евра. Тоа ќе претставува шок, со кој земјата нема да може да се справи, смета Ѓелиќ, додавајќи:

„Тоа не е она што го сака самата ЕУ и ние уште денес нудиме промени на тој механизам, така што политичкиот и финансиски исход да бидат во согласност со стратегијата. Не сакаме поради бирократијата се` да остане по старо и од тоа да има финансиски последици. Големите разлики меѓу Хрватска, Унгарија, Бугарија и Романија од една и БиХ, Албанија и Србија од друга страна, би можеле да имаат и политички последици.“

Заменик-претседателот на српската влада особено ја нагласи важноста на заедничкиот настап на земјите од Западен Балкан околу тоа прашање. Доколку Србија настапуваше само во свое име, зборовите немаше да имаат голема тежина, истакна Ѓелиќ.

Автор: Марина Максимовиќ/Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми