1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе полицајци не значат поголема безбедност

Вера Керн/превод: Ж.А.16 јули 2016

Франција повторно цел на крвав напад и тоа токму на националниот празник. Дали тоа можеше да се спречи? Интервју со експертот за прашања поврзани со тероризам, Александра фон Намен.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-F. Ottonello

Дојче веле: По исламистичките напади во Париз во ноември 2015 година, Франција во цела земја прогласи вонредна состојба. Како беше можен нападот во Ница и покрај строгите мерки за безбедност?

Александра фон Намен: Тоа е големото прашање: како воопшто можеше да се случи да се појави камион среде масата луѓе кои го слават националниот празник? Властите сега треба да побараат одговор на ова прашање. Силите за безбедност се во зголемена готовност не само во Париз, туку и во другите градови. Но, од друга страна, мора да се каже - на вакви манифестации, каде се собрани голем број луѓе, тешко е да се постигне стопроцентна заштита.

Дали воопшто може да се спречи ваков напад со камион?

Зависи од приликите. На масовни манифестации е можно блокирање на улиците и поставување на полиција на начин што оневозможува таму да се помине со камион. Тоа и се прави. Меѓутоа, кога станува збор за обезбедување на обична пешачка зона, во која луѓето одат на купување, тоа е невозможно. Ако некој дојде на идеја да го киристи своето возило како оружје, веројатно тоа не може секогаш да биде спречено. Во секој случај, силите за безбедност треба многу подобро да се подготват за ваква евентуалност при идните масовни манифестации.

Какви последици ќе има овој повторен шок за безбедносната ситуација во Франција?

Во моментов тоа не е толку лесно да се предвиди. Само пред неколку недели интерната Парламентарна комисија го објави извештајот за мерките по терористичките напади во ноември ланската година. Заклучокот не беше позитивен. На пример, имаше забелешки на недоволната ефикасност на безбедносните операции на службите водени во рамките на вонредната состојба. Тоа значи, безбедноста не може да се зголеми само со зголемен ангажман на безбедносните сили и на полицијата. Критикувана беше и недоволната или непостоечка меѓусебна комуникација меѓу службите. Сега, критиката на сметка на француската безбедносна стратегија сигурно натамошно ќе расте. Останува да се сочека какви заклучоци ќе извлечат безбедносните органи од овој напад.

Александра фон Намен е експерт на Дојче веле за прашања поврзани со тероризам.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми