1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе протерувања, помалку популизам?

Сабине Кинкарц
10 февруари 2017

Одбиените баратели на азил треба што побрзо да ја напуштат Германија. Сојузот и покраините усвоија План од 16 точки. Надежта е да се одземе водата од воденицата на десничарската партија АфД, смета Сабине Кинкарц.

Rückführung von Flüchtlingen
Фотографија: picture alliance/dpa/P. Seeger

Кога политичарите усвојуваат план со одреден број точки, кога зборуваат за „напрегање на националните сили“, тогаш нешто крупно е во прашање. Ова потсетува на поранешниот канцелар Хелмут Кол и неговиот План од десет точки за повторното германско обединување. Тоабеше во ноември 1989. година. Сега, во февруари 2017. година, донесен е План од 16 точки, со кој германската канцеларка Ангела Меркел сака да ја промени германската бегалска политика. 

Таа не може да го направи тоа сама, потребно е вклучување и на покраините. Обично, тоа не оди толку лесно, зашто сојузот и покраините, со оглед на различните партиско-политички констелации, често имаат спротивни мислења. Но, сега постои важна причина за единственост. Во март и во мај се одржуваат покраински парламентарни избори во Сар, во Шлезвиг-Холштајн и во Северна Рајна Вестфалија. Во септември следат изборите за Бундестагот. Како што сега стојат работите, АфД, десничарско-популистичката партија Алтернатива за Германија, има добри шанси да влезе во сите четири парламенти.

Многу одбиени барања за азил

Бегалската политика и последиците од неа и натаму се плодна почва за изборните успеси на АфД. Никакво чудо што ЦДУ, ЦСУ, СПД и Зелените, кои се на власт во трите покраини и во сојузната влада, сакаат да направат сѐ што можат за да ја запрат АфД. Меѓутоа, по сѐ она што се случуваше во изминатата еднаипол година, тоа нема да биде лесно. Премногу работи се наталожија, направени се премногу грешки.

Во Германија во 2016. година живееле преку 207.000 странци кои мораат да ја напуштат земјата. Нивниот број до крајот на оваа година може да достигне половина милион. Фактички, годишно се депортираат само 85.000 одбиени баратели на азил. За згрижување на луѓето на кои не им е усвоено барањето за добивање азил во Германија, земјата потрошила околу три милијарди евра.

Сабине Кинкарц

Владата е беспомошна?

Ова во себе крие политички експлозив. Посебно по терористичкиот напад врз берлинскиот божиќен пазар, извршен од Тунижанецот Анис Амри, одбиен барател на азил кој требало да ја напушти земјата. Кај граѓаните повторно настана впечаток на беспомошност на владата во решавањето на последиците од бегалската криза. Дека владата губи преглед на ситуацијата и не е во состојба да се грижи за безбедноста, спроведувањето на правото и редот. Дека криминалци, камуфлирани како бегалци, ја искористуваат и ја влечат за нос, а таа е немоќна. „Подарок“ за АфД.

Свесноста за опасноста во оваа изборна година ги зближи политичките актери од сојузот и покраините на досега невиден начин. На канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери не им требаа ни три часа за договор, без оглед на партиската припадност. Девизата гласи: доста е со несериозност. Потребно е демонстрирање енергичност, безусловна желба за преземање ефикасни чекори. Политиката, се вели, претставува бавно продупчување на дебели штици. Се чини, во Берлин в рака е земена посилна дупчалка.

Граѓаните се веќе сити

Тежината на притисокот е видлива и во фактот што покраините доброволно се откажуваат од свои компетенции. Во иднина, сојузот ќе го има одлучувачкиот збор за обезбедување неопходни копии на документи на одбиените баратели на азил, ќе организира групни протерувања, сместување на луѓето кои немаат право на траен престој или се идентификувани како опасност за внатрешната безбедност на Германија. Досега ова беа надлежности на покраините.

Но, граѓаните не ги интересира толку поделбата на надлежностите, туку политиката конечно да покаже ефикасност. На многу луѓе кои живеат во Германија, веќе им е преку глава. И тоа подеднакво на био-Германците, како што се вели, како и на одомаќените мигранти. Тие сакаат да видат решенија. И натаму мнозинството Германци се на мислење дека на луѓето кои се во тешка ситуација, треба да им се даде прибежиште. Истовремено, расте стравот од криминалитет и од преоптовареност. Расположението може секој момент да ескалира. Мора нешто да се преземе, и тоа итно. 

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми